22 мај 2026
• од Темелко Тошев
Обидот на Град Скопје да го затвори неофицијалниот пешачки премин во близина на Бит-пазар заврши без успех, откако група граѓани со „жив ѕид“ го спречија поставувањето на заштитната метална ограда. На терен владееше тензична атмосфера, а сообраќајот на булеварот „Крсте Петков Мисирков“ беше во прекин.
Екипите на Град Скопје, кои вчера излегоа на терен со намера трајно да го затворат дивиот премин, беа принудени да ја прекинат акцијата поради масовниот отпор на локалното население. Револтираните жители на Чаир и околината, кои со години го користат овој премин како најкратка врска, не дозволија поставување на оградата, аргументирајќи дека укинувањето на оваа патека значително ќе им го отежне секојдневното движење.
Градоначалникот на Скопје во претходните обраќања беше дециден дека преминот мора да биде затворен, наведувајќи ги безбедносните ризици како главен аргумент. Иако дел од граѓаните во минатото поднесувале иницијативи за негова легализација, ставот на градската власт е непроменет.
„Имаше иницијативи од граѓани од тој дел на градот преминот да се легализира, но ставот на Градот е дека локацијата мора да биде затворена заради безбедност на сите учесници во сообраќајот“, изјави градоначалникот.
Во непосредна близина, на само триесетина метри од дивиот премин, се наоѓа пешачки натпатник, кој со години е надвор од функција. Иако градоначалникот пред само два дена најави дека преминот ќе биде затворен и дека пешаците ќе бидат пренасочени кон натпатникот, моменталната состојба на овој објект е алармантна.
Натпатникот не е соодветно одржуван, а лифтовите кои требаше да им овозможат пристап на повозрасните лица и лицата со попреченост, одамна не функционираат, што дополнително го револтира месното население.
Протестот против затворањето на преминот во текот на вчерашниот ден прерасна во блокада на булеварот „Крсте Петков Мисирков“. Засиленото полициско присуство не успеа да ги смири демонстрантите, кои бараат преминот да остане отворен се додека не се понуди соодветна и функционална алтернатива.
Засега, дивиот премин останува отворен, а пешаците продолжуваат да ја преминуваат улицата со интензивен сообраќај на сопствен ризик. Останува неизвесно како Град Скопје ќе ја разреши оваа ситуација и дали натпатникот во догледно време ќе биде реконструиран за да ја исполни својата намена.
Шукова до Тошковски: Убиства, дрога и хаос – колку жртви уште треба за оставка?
Нов граничен премин меѓу Бугарија и Србија: Се гради стратешка врска за Северозападот
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

