27 април 2026
• од Никола Трајковски
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, преку објава на социјалната мрежа X упати остри критики кон премиерот Христијан Мицкоски, обвинувајќи го за недоследност, но и за изостанок на клучните реформи во изминатата година.
Повод за реакцијата се спротивставените толкувања на изјавите на европратеникот Томас Вајц, кој во интервју за Евроњуз Бугарија истакна дека Северна Македонија во последните 12 месеци не покажала напредок во реформите. Според Вајц, ова не се однесува само на почетокот на преговорите со Европската унија, туку и на спроведувањето на реформската агенда, уставните измени и планот за раст, предупредувајќи дека без конкретни резултати земјата може да ги изгуби предвидените 47 милиони евра европска поддршка.
Премиерот Мицкоски изјави дека не знае „кој извештај“ го читале новинарите и дека станува збор за „комплетен антипод“. Според информациите во јавноста, тој се повикува на нацрт-извештајот за напредокот на Северна Македонија во процесот на пристапување кон Европската унија, подготвен од Вајц, кој сè уште е во работна верзија.
Во истиот нацрт-документ, сепак, се нотира недостиг на политичка волја за спроведување на реформите, а европратеникот во изминатите месеци повеќепати јавно предупредува дека токму недоволните реформи може да резултираат со губење на европски средства. Оттука, според Филипче, изјавата на премиерот не кореспондира со јавно достапните ставови на Вајц и претставува обид за нивно релативизирање.
Во својата објава, Филипче прашува дали, според логиката на премиерот, и Вајц и медиумите „лажат“, додавајќи дека ваквите ставови се користат за да се минимизира или прикрие реалниот проблем со застојот во реформите пред домашната јавност.
Тој исто така предупреди дека Вајц би можел да стане мета на „црна кампања преку Орбановите медиуми“, повлекувајќи паралела со реториката на српскиот претседател Александар Вучиќ кон европските претставници кога нивните извештаи се критички.
„Оваа тактика веќе ја знаеме: сите што не му се потчинуваат или имаат различно мислење ги нарекува ‘медиокритети’, ‘талог на општеството’ или ‘мочуриште’“, напиша Филипче.
Темата за реформите и напредокот кон Европската унија останува една од клучните во политичката дебата, особено во услови кога меѓународните претставници укажуваат на стагнација и ризик од губење на финансиска поддршка поради недоволна реформска динамика.
Петер Маѓар в среда во Брисел на итни разговори за одмрзнување милијарди евра од ЕУ
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

