13 септември 2026
• од Темелко Тошев
Точно еден месец помина откако исчезна Љупчо од Скопје, а од него сè уште нема никаква трага. Неговото семејство, кое секојдневно живее во неизвесност, страв и надеж, денеска повторно упати апел до јавноста, но и остро прашање до надлежните институции: што точно е преземено досега во потрагата по нивниот близок?
Неговиот внук Дарко преку социјалните мрежи сподели дека семејството е оставено само на себе, обидувајќи се да ги реконструира неговите последни движења и да стигне до некаква трага.
„Сами бараме, сами собираме информации, сами се обидуваме да составиме каде и како се движел во последните денови. И тука морам јавно да прашам: што се случува со потрагата?“ – истакнува Дарко.
Најголемото разочарување за семејството е молкот од институциите. Според внукот, иако Љупчо е уредно пријавен како исчезнат, тие досега немаат добиено никаква конкретна повратна информација од полицијата за тоа што е проверено и преземено на терен. Дополнително загрижува фактот што тој сè уште не е објавен на официјалната веб-страница на Министерството за внатрешни работи (МВР) во делот за исчезнати лица.
Семејството бара одговори и во врска со користењето на современите безбедносни системи, како што е системот камери „Безбеден град“. Бидејќи постојат одредени сознанија за дел од неговите последни движења низ Скопје, тие прашуваат зошто не се искористат овие видео-ресурси за да се лоцира.
„Дали треба семејството само да открива каде се движел исчезнатиот човек? Дали ние треба сами да ги бараме камерите, сведоците и неговите последни траги? Кој активно ја води потрагата по Љупчо?“ – разочарано прашува Дарко, додавајќи дека тие не бараат ништо повеќе освен конкретни информации.
„Љупчо не е само број на пријава. Љупчо е нечиј брат, вујко, татко, сопруг и човек кој има семејство кое секој ден чека да се врати дома,“ се додава во нивниот емотивен апел.
Семејството уште еднаш ги повикува сите граѓани на Скопје и околината да бидат внимателни, да погледнат околу себе и да пријават доколку го забележат или имаат било каква информација.
„Ве молиме споделувајте. Не дозволувајте ниту една трага да биде занемарена. Еден месец без никаква трага. Љупчо мора да биде пронајден,“ порачуваат тие.
Доколку имате каква било информација за исчезнатиот Љупчо, пријавете на бесплатните телефонски броеви за итни случаи 112 и 192, или контактирајте го директно семејството преку Viber на телефонскиот број: +43 660 482 5979.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

