05 јануари 2026
• од Станча Јаќимовски
Денеска Светата Православна Црква го празнува споменот на Свети Нифонт Чудотворец, голем угодник Божји, подвижник и сведок на силата на покајанието и Божјата милост.
Свети Нифонт е роден во Пафлагонија, а воспитуван во Цариград, во дворецот на еден војвода. Во младоста, поради лошо друштво, западнал во духовен пад и се предал на многубројни гревови и пороци. Толку длабоко потонал во гревот, што веќе не можел ни да Му се моли на Бога. Но милоста Божја не го оставила. По застапништвото на Пресвета Богородица, Нифонт доживеал силно покајание, се вратил на патот на правдата и го избрал монашкиот живот.
Како монах, Свети Нифонт водел строг и подвижнички живот, удостоен со безброј виденија од небесниот свет. Четири години претрпел тешка духовна борба со демон кој постојано му нашепнувал: „Не постои Бог! Не постои Бог!“ Ова искушение било надминато кога самиот Господ Исус Христос му се јавил жив преку иконата. Од тој миг, Свети Нифонт добил голема сила над злите духови и целосно се ослободил од нивните напади.
Тој бил надарен со редок духовен дар – проѕорливост. Ги гледал ангелите и демоните околу луѓето исто како што ги гледал и самите луѓе, и ги распознавал човечките помисли. Често разговарал со ангелите, а со демоните влегувал во духовни препирки. Во Цариград подигнал црква посветена на Пресвета Богородица, собрал монаси и со својот живот и поука спасувал мнозина.
По откровение од небото, александрискот архиепископ Александар го посветил за епископ на градот Констанциј на островот Кипар. Во тоа време Свети Нифонт бил веќе во поодмината возраст, но со мудрост и смирение ја управувал Црквата. По извесно време, мирно се преселил во Царството Христово.
Пред неговата смрт, го посетил Свети Атанасиј Велики, архиѓакон на александриската Црква, кој по упокојувањето го видел лицето на Свети Нифонт осветлено како сонце – сведоштво за неговата светост и Божјата благодат.
Животот на Свети Нифонт Чудотворец ни сведочи дека нема грев што не може да се победи со искрено покајание и дека Божјата љубов ги преобразува и најпаднатите срца во светилници на верата. Нека неговите молитви бидат со нас.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

