24 декември 2025
• од Станча Јаќимовски
Православната црква денеска го одбележува споменот на Преподобен Даниил Столпник, еден од најголемите подвижници и светители на V век, кој се празнува на 11 декември по стар, односно на 24 декември по нов стил.
Преподобен Даниил е роден во селото Витара, во близина на градот Самосат во Месопотамија, од побожни христијански родители – Илија и Марта. Како дете измолено од Бога, роден по долгогодишна бездетност, тој уште од најрана возраст бил посветен на служба на Бога. На само дванаесет години го примил монашкиот чин, а во својата младост го посетил и прочуениот свети Симеон Столпник, од кого добил благослов за својот подвижнички пат.
Воден од желбата за целосна самотија и духовно совршенство, Даниил го напуштил манастирот и се повлекол во напуштен идолски храм на брегот на Црното Море. Таму претрпел многубројни напади од демоните, но со трпение, постојана молитва и силата на знакот на Крстот, ги надминал сите искушенија.
Подоцна се искачил на столб – подвиг по кој останал запаметен во црковната историја – и на него останал до крајот на својот живот. Поднесувајќи ги подеднакво жештината и студот, како и нападите од луѓето и од демоните, тој со својот живот сведочел за крајната посветеност на Бога.
Околу неговиот столб постепено се собрале бројни ученици, а со својот личен пример и духовни поуки, Преподобен Даниил ги водел кон живот во светост. Бог го дарувал со голема благодат на чудотворство уште за време на неговиот земен живот, а бил познат и како прозорливец на идните настани.
Под неговиот столб постојано притекнувал народ од сите страни, барајќи утеха, исцеление и духовен совет. Кај него доаѓале и цареви, и патријарси, и обични луѓе. Царот Лав Велики, кога примал странски државници, често ги водел под столбот на свети Даниил и со гордост велел: „Ете го чудото во моето царство!“
Преподобен Даниил однапред го прорекол денот на својата смрт, ги поучил своите ученици и мирно се простил од нив. Пред неговото упокојување, учениците сведочеле за чудесно видение – над столбот се појавиле ангели, пророци, апостоли и маченици.
Овој ангелски човек поживеал осумдесет години и се упокоил во Господа во 489 година, оставајќи зад себе свет пример на вера, трпение и целосна предаденост на Бога.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

