10 јануари 2026
• од Станча Јаќимовски
И покрај јасните и конечни одлуки на Уставниот суд на Босна и Херцеговина со кои 9 јануари е прогласен за неуставен и дискриминаторски празник, властите во Република Српска и годинава го одбележаа таканаречениот „Ден на РС“. Настанот, кој повторно предизвика тензии во регионот, доби и дополнителна димензија со присуството на македонскиот вицепремиер и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ.
Стоилковиќ јавно се пофали на социјалните мрежи дека е меѓу најредовните гости на оваа прослава, истакнувајќи дека „убедливо“ држи прво место по бројот на присуства, веднаш по српскиот министер за култура Никола Селаковиќ. Оваа негова изјава дополнително ја разбранува македонската јавност, особено во контекст на обвинувањата од опозицијата дека владата на Христијан Мицкоски одржува премногу блиски релации со Србија и со претседателот Александар Вучиќ.
Како што објави Радио Слободна Европа, на плоштадот Краина во Бања Лука беа ангажирани околу 800 полицајци, а во свечената поворка учествуваа приближно 2.000 членови на триесетина организации од Република Српска и Србија. Меѓу официјалните гости беа највисоките функционери на ентитетот, вклучувајќи ја членката на Претседателството на БиХ Жељка Цвијановиќ, претседателот на Народното собрание Ненад Стевандиќ, како и поранешниот лидер на РС Милорад Додик.
Особено внимание привлече и присуството на Род Благојевиќ, поранешен гувернер на Илиноис, осуден за корупција и помилуван од Доналд Трамп во 2025 година, кој лани потпиша договор за лобирање во корист на властите на Република Српска.
На парадата учествуваа и членови на руската мото-група Ноќни волци, позната по својата отворена поддршка на Кремљ. Беа презентирани и хеликоптери „Ансат“, купени од Русија, како и оклопни возила „Деспот“ и „Вихор“, што дополнително ја нагласи милитаристичката димензија на настанот.
Претходно, во храмот „Христос Спасител“ беше одржана литургија предводена од српскиот патријарх Порфириј, на која присуствуваше и Стоилковиќ, кој објави заедничка фотографија со поглаварот на СПЦ.
Иако измените на Кривичниот законик на БиХ од 2023 година, наметнати од високиот претставник Кристијан Шмит, предвидуваат затворски казни за организирање и учество во неуставното одбележување на 9 јануари, досега не е изречена ниту една санкција. Обвинителството на БиХ потврди дека сè уште е отворен предмет за минатогодишната прослава.
За Бошњаците и Хрватите, 9 јануари го симболизира почетокот на војната и страдањата, вклучувајќи го и геноцидот во Сребреница, додека властите на Република Српска го слават како ден на основање на ентитетот во 1992 година – наратив што продолжува да ја продлабочува политичката и етничката поделба во Босна и Херцеговина.
Левица: Пратениците повторно испумпале 14,4 милиони денари за патни трошоци
14,4 милиони денари за патување: Пратениците се возат на грбот на граѓаните
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

