17 септември 2026
• од Темелко Тошев
Бугарија и Чешка се подготвени да соработуваат во нуклеарните проекти, стана јасно од изјавата на бугарскиот премиер Румен Радев по средбата со чешкиот премиер Андреј Бабиш, кој престојува во официјална посета на Софија.
„Ние во Бугарија гледаме со посебно чувство кон Чешка како кон блиска и пријателска земја“, истакна Радев, потсетувајќи дека двете земји се дел од европското семејство и се сојузници во НАТО. Тој изрази задоволство од континуираниот раст на трговската размена меѓу двете држави, која се доближува до 3 милијарди евра.
Во фокусот на разговорите беше енергетиката. Радев и Бабиш споделија уверување дека таа е основа за економскиот развој и ги поддржаа напорите нуклеарната енергија да биде вклучена во европското финансирање и државната помош, рамноправно со зелените и обновливите извори на енергија.
Двајцата лидери се согласија дека е потребна ревизија на европскиот систем за трговија со емисии со цел да се гарантира индустриската безбедност и независност на Европа. Радев нагласи дека Бугарија е подготвена да ја поддржи Чешка и земјите од Централна и Источна Европа во диверзификацијата на енергетските ресурси, истакнувајќи го бугарскиот пристап до терминалите за течен гас во Грција и Турција преку кои може да се обезбедат сигурни испораки.
Покрај интензивната соработка во енергетиката, на средбата станало збор и за заедничко производство на дронови и анти-дрон системи.
Чешкиот премиер Бабиш ги потенцираше историски добрите односи меѓу двете земји и го поздрави членството на Бугарија во Шенген и еврозоната. Тој високо го оцени бугарскиот гасоводен систем и неговото значење за Чешка, а истовремено се изјасни против перспективата за долготрајни војни и преориентирање на европските фабрики од производство на автомобили кон тенкови, оценувајќи го тоа како политика што е во спротивност со интересите на граѓаните на Европа.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

