05 март 2026
• од Гоце Кически
Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија најави организирање консултативен процес со регистрирани организации на граѓанското општество во рамки на подготовката на Извештајот на Европската комисија за земјата за 2026 година.
Целта на процесот е да се обезбеди пошироко учество на граѓанскиот сектор во подготовката на извештајот, кој ја оценува состојбата со реформите и напредокот на Северна Македонија во процесот на пристапување кон Европската Унија.
За да се овозможи поголема вклученост и подобро да се усогласи процесот со интересите и достапноста на организациите, Делегацијата на ЕУ планира да понуди можност за онлајн и регионални консултации низ целата држава. Консултациите ќе се одржуваат во периодот од втората половина на март до средината на април, додека точните датуми и локации ќе бидат дополнително соопштени до сите регистрирани учесници.
Од Делегацијата нагласуваат дека целта на консултациите е да се искористат специфичните знаења, искуства и анализи на организациите од граѓанското општество при подготовката на извештајот. Иако просторот во документот е ограничен, сите доставени информации поврзани со состојбите и реформите во различни области ќе бидат земени предвид.
Со цел консултациите да бидат што поефикасни, од организациите се бара при регистрацијата да наведат во кои тематски области, односно кластери и поглавја, можат да придонесат со свои анализи и експертиза. Дополнително, организациите имаат можност своите придонеси да ги достават и во писмена форма.
Од Делегацијата на ЕУ потсетуваат дека рокот за пријавување истекува утре, на 6 март.
„Гласот на граѓанското општество е важен за оценката на Европската Унија за Северна Македонија. Доколку сте активни во одредена област, ова е вашата можност да ја споделите вашата експертиза и знаење“, порачаа од Делегацијата преку социјалните мрежи.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

