05 март 2026
• од Станча Јаќимовски
Во гостувањето во подкастот „Коридор 8“, новинарот и медиумски аналитичар Насер Селмани остро се осврна на прашањето за односот на српскиот претседател кон југословенството и неговата политичка употреба денес. Одговарајќи на прашањето каков е интересот на Александар Вучиќ да го брани југословенството, Селмани категорично ја отфрли таквата теза.
„Не, не, не — не се брани југословенство. Се брани српство“, нагласи Селмани, додавајќи дека повикувањето на југословенската идеја служи како параван за национална агенда. Според него, „под велот на југословенското се брани српството“.
Селмани повика на историска ретроспектива за да се разбере суштината на распадот на поранешната федерација. „Вратете го филмот на распаѓањето на Југославија“, рече тој, потсетувајќи на улогата на воените структури во конфликтите од 90-тите години.
Според Селмани, токму Југословенската народна армија, која формално требаше да ја штити федерацијата и сите нејзини народи, се трансформирала во инструмент на српската политика. „ЈНА ги гаѓаше Југословените“, изјави тој, алудирајќи на воените операции во Хрватска и Босна и Херцеговина.
Тој беше дециден дека во еден момент ЈНА престанала да функционира како федерална армија и станала „српската војска“. Во таа насока, Селмани ги постави и прашањата: „Кој ги колеше луѓето во Хрватска и Босна?“ — со што директно упати на одговорноста за воените злосторства извршени за време на конфликтите.
Како илустрација на својата теза, Селмани го спомена и тогашниот началник на Генералштабот на ЈНА.
„Каде заврши? Во Москва. Таму почина“, потсети Селмани, посочувајќи дека Кадијевиќ, кој беше министер за одбрана на СФРЈ и една од клучните фигури во воениот врв за време на распадот, последните години од животот ги помина во Русија.
Со своите ставови во „Коридор 8“, Селмани испраќа јасна порака дека, според него, југословенството денес не се брани како автентична мултиетничка идеја, туку како инструментализиран концепт зад кој стои национална стратегија. Неговата анализа отвора прашања за историските интерпретации, политичките наративи и континуитетот на одредени идеи во современата политика на Балканот.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

