03 март 2026
• од Гоце Кически
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денеска се обрати пред пратениците во македонското Собрание, нагласувајќи дека Северна Македонија е „извозник на безбедност“ и дека Алијансата останува цврсто посветена на стабилноста на Западен Балкан.
Во своето обраќање, Руте истакна дека за него е „посебна чест“ повторно да биде во Скопје, потсетувајќи дека првпат ја посетил земјата во 2021 година како премиер на Холандија. Тој ја пофали живата демократија во државата, оценувајќи дека различните ставови и дебати во парламентот се доказ за функционален демократски систем.
Руте подвлече дека македонските војници активно придонесуваат кон заедничката безбедност, учествувајќи во силите на НАТО во Бугарија и Латвија, како и во мировната мисија КФОР во Косово.
„Вие станавте извозник на безбедност“, порача тој, нагласувајќи дека мисијата КФОР останува клучна за долгорочната стабилност на регионот.
Тој предупреди дека во регионот и пошироко постојат актери кои сакаат да го вратат часовникот наназад и да ги поткопаат постигнатите резултати, оценувајќи дека поделбената реторика е „неодговорна и опасна“.
Генералниот секретар потенцираше дека во услови на зголемени глобални закани, потребни се поголеми инвестиции во одбраната. Тој очекува сојузниците на претстојниот Самит на НАТО во Анкара во јули да покажат „јасен и кредибилен пат“ кон издвојување 5% од БДП за одбрана до 2035 година – од кои 3,5% за основни одбранбени капацитети и 1,5% за инвестиции поврзани со безбедноста.
„Без кредибилно одвраќање и одбрана, нашите отворени општества се изложени на ризик“, нагласи Руте, повикувајќи ги пратениците да ја поддржат потребата од зголемени одбранбени буџети.
Во обраќањето значаен дел беше посветен на војната во Украина. Руте истакна дека Русија продолжува со агресијата, во координација со Кина, Северна Кореја и Иран, и дека сојузниците мора да продолжат со поддршката за Киев.
Тој ѝ се заблагодари на Северна Македонија за воената, политичката и хуманитарната помош, вклучително и придонесот во иницијативата ПЕРЛ на НАТО, која овозможува испорака на американска воена опрема за Украина.
„Украина мора да ја добие целата потребна помош за да ја задржи линијата на фронтот и да ги заштити своите граѓани“, рече Руте, додавајќи дека украинската безбедност е и безбедност на Алијансата.
Руте упати посебна благодарност до заменик-генералниот секретар на НАТО, Радмила Шекеринска, истакнувајќи дека нејзиното искуство како поранешна членка на Собранието и министерка е од голема вредност за Алијансата.
„Никој не стои сам во НАТО. Вашите пријатели и сојузници се секогаш со вас“, порача Руте, потсетувајќи дека воздушниот простор на Северна Македонија го обезбедуваат сојузнички авиони од Грција и Италија.
Во завршницата, генералниот секретар нагласи дека безбедноста на Западен Балкан останува приоритет за НАТО и дека стабилноста во регионот е заедничка одговорност.
„Соработката и посветеноста се начинот на кој успеваме. Во НАТО секогаш ќе се стремиме кон мир, напредок и просперитет“, заклучи Руте пред пратениците.
СДСМ со критики до Владата за руските и кинеските влијанија по говорот на Руте
Ќе достигне ли златото 6000 долари за тројунција? Кои се условите за такво сценарио?
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

