25 февруари 2026
• од Тодор Вангелов
Европската комисија предложи отворање преговори со Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија за нивна интеграција во европскиот режим „Roam Like at Home“. Потегот е дел од пошироката стратегија на Европската унија за постепено приближување на земјите од Западен Балкан кон членство во ЕУ.
Доколку договорите бидат финализирани и партнерите целосно ги усогласат своите правила со европската регулатива за роаминг, граѓаните ќе можат да разговараат, праќаат СМС-пораки и користат мобилен интернет меѓу ЕУ и Западен Балкан без дополнителни трошоци за роаминг.
Ова ќе овозможи непречена поврзаност по домашни тарифи — не само за граѓаните и бизнисите од Западен Балкан кои патуваат во ЕУ, туку и за европските патници во регионот. Според Комисијата, мерката ќе го олесни и поевтини останувањето во контакт за време на студии, работа или одмор.
Со денешното усвојување на преговарачките мандати, Европската комисија бара од Советот на ЕУ одобрение за започнување преговори со партнерите од Западен Балкан. По одобрувањето, Комисијата ќе води билатерални преговори со секоја земја поединечно.
По успешно склучување на договорите, регионот ќе може да стане дел од европската зона „Roam Like at Home“.
Предлогот се надоврзува на постојните доброволни договори меѓу мобилни оператори од ЕУ и Западен Балкан, кои веќе овозможуваат намалени роаминг тарифи. Дополнително, граѓаните во регионот веќе имаат корист од пониски цени при патување во рамки на регионалниот роаминг-договор на Западен Балкан.
Европската комисија нагласува дека иницијативата е конкретен пример за постепена интеграција пред полноправно членство, во согласност со Планот за раст за Западен Балкан од 2023 година. Планот има цел постепено да ги интегрира партнерите од регионот во Единствениот пазар на ЕУ и да донесе опипливи придобивки за граѓаните и бизнисите уште пред формалното пристапување.
Извршната потпретседателка за технолошки суверенитет, безбедност и демократија, Хена Виркунен, оцени дека станува збор за „значаен чекор на патот на партнерите од Западен Балкан кон приклучување во европското роаминг семејство“, додавајќи дека мерката е добра вест и за граѓаните и за компаниите.
Комесарката за проширување Марта Кос истакна дека роаминг-трошоците долго време претставуваат проблем за луѓето во регионот, особено за прекуграничните работници и семејствата.
„Изненадувачките сметки или повисоките трошоци при патување се нешто што веќе не постои во рамки на ЕУ. Денес предложивме ова да се прошири и на Западен Балкан“, рече Кос, нагласувајќи дека тоа ќе значи полесни повици и мобилен интернет по домашни цени.
Иницијативата се смета за уште еден конкретен чекор во поширокиот процес на проширување, со кој ЕУ настојува постепено да ги приближи земјите од Западен Балкан кон Унијата преку практични придобивки за граѓаните.
Прв ден без прекршок за поминување на црвено од стартот на „Безбеден град“
Бугарија меѓу водечките дестинации за германски инвестиции во Југоисточна Европа
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

