05 март 2026
• од Станча Јаќимовски
Пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, на собраниската седница се осврна на трагедиите поврзани со родово базираното насилство, посочувајќи дека тие се резултат на сериозни институционални слабости и длабока вредносна криза во општеството.
Тој истакна дека, иако се приближува Осми март – Меѓународниот ден на жената, атмосферата во државата не остава простор за честитки. Според него, седницата се одржува само три дена по трагедијата што ја потресе јавноста, во која поради низа пропусти во институциите згаснале два животи – мајка и нејзината малолетна ќерка.
„Кога институциите не ги исполнуваме со вистински политички вредности, ние го држиме отворен понорот во општеството. Тој понор не останува празен – го полниме со човечки животи и човечка крв, а потоа се обидуваме да го измиеме со солзите на нечии родители, ќерки и синови“, рече Битиќи.
Во своето обраќање, тој нагласи дека општеството мора јасно да го препознае и именува родово базираното насилство. Според него, кога жена е убиена поради вакво насилство, станува збор за фемицид – појава која мора да се препознае, спречи и строго санкционира.
Битиќи оцени дека проблемот е продлабочен и од општествената клима во која доминираат дискриминацијата и понижувањето. Во таква средина, како што рече, жените постојано се принудени да докажуваат дека заслужуваат да бидат слушнати, почитувани и заштитени.
Покрај насилството, тој се осврна и на економската нееднаквост меѓу жените и мажите. Според податоците што ги изнесе, само околу 38 проценти од жените се вработени, додека 57 проценти се економски неактивни. Кај младите жени стапката на вработеност изнесува 27,6 проценти, наспроти 39,3 проценти кај младите мажи.
„Тоа значи дека илјадници девојки започнуваат живот со однапред поставена пречка, не затоа што се помалку способни, туку затоа што системот им нуди помалку можности“, нагласи Битиќи.
Тој додаде дека разликите постојат и во платите, при што мажите во просек заработуваат околу 12,8 проценти повеќе од жените. Според него, тоа е показател дека трудот на жените се вреднува помалку, а државата го толерира таквиот дисбаланс.
Битиќи потенцираше дека економската нееднаквост не може да се надмине без вистинска политичка еманципација и правична распределба на општествената моќ.
„Економијата не се само бројки – таа е и моќ. Прашањето е дали таа моќ ќе се узурпира или ќе се дели. Трета опција нема. Држава која не ја штити жената, не ја штити ни демократијата“, порача тој.
Говорот го заврши со мисла од активистката за човекови права Одри Лорд: „Не сум слободна додека било која жена не е слободна.“
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

