05 јануари 2026
• од Станча Јаќимовски
Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, во саботата изјави дека е разочаран од својот руски колега Владимир Путин поради продолжувањето на војната во Украина. Тој повтори дека на почетокот верувал оти прекинувањето на конфликтот ќе биде лесно и брзо остварливо.
„Не сум воодушевен од Путин. Тој убива премногу луѓе“, изјави Трамп пред новинарите за време на прес-конференција посветена на ноќната воена операција на САД во Венецуела, чија цел беше апсење на венецуелскиот претседател Николас Мадуро.
Трамп нагласи дека за Мадуро воопшто не разговарал со Путин за време на нивниот телефонски разговор, кој траел повеќе од два часа во понеделникот, непосредно пред средбата на американскиот претседател со украинскиот лидер Володимир Зеленски во Палм Бич.
„Никогаш не сме зборувале за Мадуро“, рече Трамп како одговор на прашање дали темата била отворена во разговорите со Путин.
Во меѓувреме, руското Министерство за надворешни работи соопшти дека е длабоко загрижено поради информациите дека Мадуро и неговата сопруга биле изнесени од земјата за време на, како што ги нарекоа, „агресивни дејства“ на САД, и повика на нивно итно ослободување.
Американскиот државен секретар Марко Рубио, пак, изјави дека Мадуро одбил повеќе можности да ја напушти земјата, иако претходни извештаи сугерираа дека можеби се подготвувал да замине во Русија или во некоја од нејзините блиски сојузнички држави.
Во понеделникот, Трамп првично покажа разбирање за руските тврдења дека украински дронови нападнале една од резиденциите на Путин. Подоцна, сепак, неговиот став се промени и тој сподели коментар од „Њујорк пост“ во кој Русија беше обвинета за блокирање на мировниот процес во Украина. Подоцнежна статија на „Волстрит журнал“ пренесе дека американските служби за национална безбедност утврдиле оти Украина не стои зад таков напад.
Трамп во повеќе наврати јавно го изрази своето незадоволство од недостигот на напредок во напорите за ставање крај на војната во Украина.
Дополнително, „Вашингтон пост“, повикувајќи се на висок дипломатски извор, објави дека на последната средба со украинскиот претседател Зеленски во Флорида, на 28 декември, Трамп се однесувал „грубо, навредливо, па дури и сурово“, покажувајќи „целосно и апсолутно незнаење“. Според истиот извор, украинската страна се обидувала да избегне конфликти и да ги исполни сите американски барања, но била особено погодена од изјавата на Трамп дека „Русија сака Украина да успее“.
Во саботата, Зеленски во коментар алудираше дека Соединетите Држави би можеле да го решат проблемот и со „некои други диктатори“ на ист начин како што го решија прашањето со Николас Мадуро во Венецуела.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

