05 јануари 2026
• од Станча Јаќимовски
Ако бугарскиот претседател Румен Радев одлучи да застане на чело на политичка партија, таа би имала јасна проевропска ориентација. Ова го истакна политикологот Слави Василев во изјава за Нова Њуз, нагласувајќи дека евентуалниот политички ангажман на Радев не треба да се толкува избрзано.
Според Василев, доколку Радев влезе подлабоко во партиската политика, неговиот пристап би можел да се доближи до моделот што го следи унгарскиот премиер Виктор Орбан – односно комбинација на проевропска реторика со посилно нагласен национален интерес.
Политикологот потсети дека Радев досега секогаш се однесувал институционално и одговорно, без да ги користи официјалните обраќања, како новогодишните говори, за објавување лични политички одлуки што би имале влијание врз целата држава. Според него, доколку претседателот има намера да влезе во активна политика, тој самиот јасно ќе ја соопшти таа одлука, а сè друго во моментов би било чиста шпекулација.
Василев смета дека е очигледно оти сегашниот начин на функционирање на власта во Бугарија не е одржлив и дека политичкиот систем има потреба од нов играч. Сепак, тој нагласува дека главната одговорност лежи кај партиите во Народното собрание, бидејќи токму таму, според него, се наоѓаат клучните грешки што доведоа до политичката блокада.
Во врска со честите обвинувања кон претседателот дека злоупотребувал со службените влади, Василев беше јасен дека тие биле директна последица на неспособноста на парламентарните партии да формираат редовна влада. Службените кабинети, како што посочи тој, се појавувале токму поради политичкиот ќор-сокак во парламентот.
Запрашан кој би можел да биде следниот службен премиер, политикологот истакна дека многу поважно е прашањето кој ќе биде следниот редовен премиер на Бугарија. Во тој контекст, тој изрази надеж дека токму Румен Радев би можел да ја преземе таа улога во иднина.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

