14 декември 2025
• од Станча Јаќимовски
Соединетите Американски Држави ги укинуваат санкциите врз белорускиот поташ, јавува „Ројтерс“.
Веста ја соопшти пратеникот на претседателот Доналд Трамп, Џон Коул, по дводневните разговори во Минск со претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко.
Засега не се прецизира што ќе преземе Минск за возврат. Белорусија е еден од водечките светски производители на поташ, односно калиум карбонат, кој претставува клучна состојка во производството на вештачки ѓубрива.
Коул, кој минатиот месец беше назначен за специјален пратеник на Трамп за Белорусија, има мандат да преговара за ослободување на повеќе од 1.000 политички затвореници во поранешната советска република, која одржува блиски врски со Русија. Тој изјави дека со Лукашенко разговарал за широк спектар на теми.
„Разговаравме за војната меѓу Украина и Русија, како и за Венецуела“, истакна Коул.
„Имавме многу добар разговор. Зборувавме за иднината и за тоа како да продолжиме по патот на приближување меѓу САД и Белорусија со цел нормализирање на односите. Тоа е нашата цел“, додаде тој.
Коул се осврна и на блиските односи меѓу Лукашенко и рускиот претседател Владимир Путин, во контекст на војната во Украина.
„Вашиот претседател има долга историја со претседателот Путин и има способност да му дава совети. Тоа е многу корисно во оваа ситуација. Тие се долгогодишни пријатели и имаат соодветно ниво на односи за да разговараат за вакви прашања“, изјави Коул.
„Секако, претседателот Путин може да прифати некои совети, а други не. Но, тоа е начин да се олесни процесот“, заклучи тој.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

