05 јануари 2026
• од Станча Јаќимовски
Поранешниот вицепремиер и министер за економија на Бугарија, Николај Василев, во гостување на телевизијата bTV изјави дека со воведувањето на еврото очекува двоцифрен раст на платите, придружен со релативно ниска инфлација. Според него, државата не треба да се меша во процесите на формирање на цените, бидејќи пазарот сам ја врши таа функција.
Василев нагласи дека Бугарија веќе е дел од Шенген-зоната и еврозоната, што, според него, претставува членство во клубот на првокласни европски држави. „Ова го чекавме 20 години. Тоа ќе ја направи нашата земја побогата и поугледна“, истакна тој.
Тој потсети дека и други земји кои го вовеле еврото, како Хрватска и Словенија, имале одредени технички проблеми во првите денови, но тие брзо биле надминати. „Еден месец подоцна сè е заборавено, а денес тие земји се побогати, со развиен туризам и подобри економски показатели“, рече Василев.
Според него, Бугарија можела одамна да влезе во еврозоната, бидејќи е добро подготвена. Тој потсети дека земјата повеќе од 20 години функционира со валутен одбор и дека граѓаните се навикнати на еврото преку патувања и секојдневна употреба.
Василев ја отфрли како „легенда“ тезата дека во Хрватска по воведувањето на еврото имало огромна инфлација. „Таму инфлацијата е околу 3–4% во последните години и е пониска од претходно. И кај нас секогаш може да се најде група производи чии цени пораснале, но се игнорира фактот дека други поевтинуваат“, објасни тој. Тој додаде дека највисоките стапки на инфлација во последните години се забележани токму во земји надвор од еврозоната.
Во однос на состојбата во Бугарија, Василев нагласи дека инфлацијата е нешто над 3% и дека плашењето на граѓаните е неоправдано, особено ако се земе предвид дека земјата во минатото преживеала хиперинфлација од стотици проценти. „Веќе 28 години, откако постои валутниот одбор, нема ниту една година во која платите не растеле“, истакна тој.
Една од главните причини за скептицизмот кон еврозоната, според Василев, е недостатокот на сериозна и долгорочна комуникациска кампања во изминатите 20 години.
Тој остро ја критикуваше буџетската политика во последните пет години, оценувајќи ја како неуспешна, но нагласи дека тоа нема директна врска со еврозоната. „Бугарија избра безумно трошење, како безрасудно возење по автопат. Државата треба да се врати кон нормална политика – трошење под 40% од БДП, без натрупување долгови и без зголемување на даноците“, рече Василев, додавајќи дека земјата во моментов е најбогата во својата историја.
Осврнувајќи се на политичката ситуација, тој изјави дека не очекува актуелната влада целосно да падне во скоро време, бидејќи формирањето нова влада по избори би било уште потешко. „Нè очекуваат долги години на сложени политички конфигурации, но тоа е суштината на демократијата. Можно е формирање влада со прв, втор или трет мандат“, заклучи Василев.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

