24 февруари 2026
• од Станча Јаќимовски
Фудбалската јавност во Македонија е затекната по денешната објава на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), која соопшти дека е во тек постапка поврзана со сериозни сомнежи за нерегуларности на повеќе натпревари од домашните првенства и пријателски средби.
Од „Куќата на фудбалот“ информираа дека, во насока на транспарентност и објективно информирање на јавноста, ги објавуваат дописите добиени од Одделот за интегритет при УЕФА. Документите се однесуваат на натпревари кај кои биле евидентирани сомнителни обложувачки активности и нетипични уплати во обложувалници.
Според објавените информации, станува збор за неколку натпревари од Првата и Втората лига, како и контролни и пријателски натпревари, кај кои биле забележани невообичаени движења на коефициенти и зголемен обем на уплати, особено на исходи кои не соодветствувале со текот на натпреварите.
Во дел од дописите се нотира дека имало силна поддршка на обложувачките пазари за пораз на одредени тимови, како и за високи голови (over), што дополнително ги засилило сомнежите за можни манипулации.
Од ФФМ потенцираат дека одредени сегменти од документите се соодветно заштитени, исклучиво во интерес на истрагата и во согласност со насоките на надлежните органи. Целосното објавување на сите детали во оваа фаза, велат од Федерацијата, би можело да ги наруши тековните постапки.
Федерацијата нагласува дека тесно соработува со Одделот за интегритет на УЕФА, како и со надлежните државни институции. Притоа се истакнува дека ФФМ не е истражен орган, туку постапува во рамките на своите надлежности и во координација со институциите кои имаат законска основа за понатамошно дејствување.
„ФФМ останува целосно посветена на заштита на интегритетот на натпреварувањето и ќе продолжи со активна соработка со сите релевантни чинители во борбата против сите форми на нерегуларности во фудбалот“, се наведува во соопштението.
Според содржината на објавените документи, како најчесто споменуван клуб во контекст на сомнежи за местење натпревари се наведува КФ Башкими Куманово 1947, и тоа за средби против КФ Шкендија и ФК Струга Трим Лум.
Во негативна конотација се споменуваат и ГФК Охрид Лихнидос и ФК Тетекс 1953, во контекст на натпревари кај кои биле регистрирани сомнителни обложувачки шеми.
Иако во овој момент нема официјални дисциплински одлуки или санкции, јасно е дека случајот може да добие сериозни размери доколку надлежните органи утврдат конкретна одговорност. Во вакви ситуации, праксата на УЕФА и националните федерации предвидува строги санкции – од парични казни и одземање бодови, па сè до суспензија или исфрлање од натпреварувањата.
Останува да се види дали ова ќе прерасне во најголемиот интегритетски скандал во македонскиот клупски фудбал во последната деценија или сомнежите ќе останат на ниво на предупредување од мониторинг-системите за обложување.
Јавноста очекува целосно расчистување на наводите – бидејќи интегритетот на натпреварувањето е темелот врз кој почива довербата во спортот.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

