24 февруари 2026
• од Станча Јаќимовски
Полицаецот кој на 15 декември 2024 година не го задржал поранешниот вицепремиер Артан Груби на граничен премин, иако тој бил ставен на стоп-листа, е осуден на условна затворска казна и добил отказ од работа. Одлуката следува по дисциплинска и судска постапка, откако Груби ја напуштил државата и 14 месеци бил во бегство.
Според информации објавени од Телма, судот му изрекол на полицискиот службеник условна казна затвор во траење од две години. Казната нема веднаш да се изврши, но ќе стане ефективна доколку осудениот во рок од пет години од правосилноста на пресудата стори ново кривично дело.
Покрај условната затворска казна, на полицаецот му е изречена и забрана за вршење на професијата во период од две години, што значи дека во тој временски рок не може да извршува полициска служба.
Од Министерство за внатрешни работи (МВР) потврдија дека против службеникот е спроведена дисциплинска постапка по што министерот донел решение за откажување на договорот за вработување.
„По спроведената дисциплинска постапка од страна на Одделот за дисциплински и судски постапки, министерот за внатрешни работи за работникот Б.Ј. донесе решение за изрекување на дисциплинска мерка – откажување на договорот за вработување“, информираа од МВР во одговор на прашања на Телма.
Во однос на вториот полициски службеник кој бил на смена истото утро, МВР соопшти дека против него е изречена дисциплинска мерка – распоредување на пониска работна позиција. Тој ќе биде преместен едно ниво под работното место кое дотогаш го извршувал.
Инаку, додека постапките против полициските службеници добија судска и дисциплинска разрешница, Артан Груби по 14 месеци поминати во бегство во моментов се наоѓа во домашен притвор, под полициска заштита.
Случајот отвори сериозни прашања во јавноста за функционирањето на граничната контрола, одговорноста во институциите и ефикасноста на механизмите за спроведување на стоп-листи.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

