24 февруари 2026
• од Станча Јаќимовски
Вкупно шест компании за производство на медицински канабис ќе останат без лиценци поради утврдени неправилности и прекршувања на законските обврски, откако надлежните институции спровеле контроли кај десет фирми. Четири од нив се поврзуваат со актуелниот скандал за шверц на марихуана, кој ја потресе јавноста во земјава и регионот.
Министерот за здравство, Азир Алиу, во интервју за емисијата „КОД“ на Телма, информираше дека кај шест од десетте контролирани компании се констатирани сериозни пропусти, поради што ќе им бидат одземени лиценците за работа.
Скопската компанија „Алфафарм Груп“ останува без лиценца поради констатиран кусок на сув цвет, немање физичко обезбедување и недостиг на видеонадзор. Дополнително, двајца косопственици на компанијата се осомничени во истрагата за меѓународен шверц на марихуана.
Иван Драгниќ е осомничен во Србија, додека во Македонија осомничен е Предраг Брковиќ. Според информациите објавени во емисијата „КОД“, марихуаната била транспортирана со камион што ја преминал границата со царинско-шпедициски документи за извоз на перници од Прилеп во Манчестер, Англија. Перниците, наводно, биле заменети со марихуана на паркинг во Свети Николе ноќта на 13 јануари, по што пратката продолжила кон Србија.
Голем дел од откриената марихуана во „Алфафарм“ била набавена од струмичката компанија „ЦБД“ и од „Лајф Плант“.
Без лиценца останува и валандовската компанија „Green Life“, кај која е утврден кусок на сув цвет и несоодветно пакување во сеф-соба. Сопственик на „Green Life“, преку белградска фирма, е Александар Мијаиловиќ, кој е во бегство и осомничен во Србија за организација на шверцот и за складирање на околу пет тони марихуана во близина на Крушевац.
Компанијата „CBD Medplant“ исто така ќе остане без лиценца поради кусок на сув цвет во сеф-соба и недоставување целосна документација до Комисијата за купопродажба. До надлежните било доставено само известување за транспорт, без комплетна придружна документација.
Лиценцата ѝ е одземена и на „Life Plant“ поради недостиг на видеонадзор во внатрешните простории, необезбедено физичко обезбедување согласно законските услови и недоставување документација за купопродажба на сув цвет.
Кај „Ata Farm“ е утврдено непостоење соодветен стручен кадар, како и необезбедено физичко обезбедување и видеонадзор.
Компанијата „Kanabinoids“ не ги исполнила законските услови за работа, со недостиг на кадар, обезбедување и видеонадзор. Дополнително, биле констатирани несоодветни активности во дворот на правното лице, вклучително и продажба на возила, што не е во согласност со дејноста за која е издадена лиценцата.
Случајот отвора сериозни прашања за надзорот врз производството и извозот на медицински канабис во земјата, како и за контролата на исполнувањето на безбедносните и административните стандарди пропишани со закон. Истрагите во Македонија и Србија продолжуваат.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

