07 февруари 2026
• од Станча Јаќимовски
Опозициската СДСМ остро реагираше по изборот на новиот Извршен комитет на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, обвинувајќи дека наместо најавените реформи и нови кадри, лидерот на партијата Христијан Мицкоски воспоставил целосна партиска и институционална контрола преку луѓе од својот најтесен круг.
Од СДСМ наведуваат дека Мицкоски ги отстранил сите потпретседатели во партијата, следејќи го примерот на српскиот претседател Александар Вучиќ, со цел да воспостави апсолутна власт во ВМРО-ДПМНЕ, но и во државата. На нивно место, според СДСМ, биле поставени негови блиски соработници и доверливи луѓе.
„Томовски е назначен за организациски секретар со задача да ги организира, односно контролира тендерите, како оние 161 тендер за семејната фирма на Томовски. Во Извршниот комитет е и Драган Ковачки, човек од службите и близок до Сашо Мијалков, очигледно задолжен за контакти со руските служби. Станува збор за лице кое не ги исполнува условите за безбедносен сертификат и кое било одбиено од НАТО, а сега е еден од клучните луѓе на Мицкоски во партијата“, обвинуваат од СДСМ.
Според партијата, ВМРО-ДПМНЕ се враќа во период кога безбедносните служби имале доминантна улога во политиката, додека се спроведувал, како што велат, системски грабеж. Како дополнителен пример, од СДСМ го посочуваат и вицепремиерот Стоилковиќ, кого го опишуваат како долгогодишен соработник на српската БИА и лице поврзано со руски интереси.
„Станува збор за човек кој јавно се дружи со Ноќните волци и странски анти-ЕУ пропагандисти. Со ова, кругот околу Мицкоски е целосно затворен“, се наведува во реакцијата.
Од СДСМ тврдат дека Мицкоски веќе ја презел контролата врз МВР, Обвинителството и судството, додека медиумите, според нив, се ставени под влијание на унгарскиот премиер Виктор Орбан.
„Мицкоски најавува реконструкција на Владата во мај или јуни за дополнително да ги зацврсти своите позиции со нови луѓе од доверба. Буџетот одамна е во канџите на неговиот круг, а државата се движи кон забрзана изолација од Европската Унија. Тоа се ‘реформите’ на ВМРО – наместо нови лица, стара банда“, се вели во соопштението на СДСМ.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

