24 февруари 2026
• од Станча Јаќимовски
Опозициската СДСМ со остра реакција по одлуката за куќен притвор на Артан Груби, обвинувајќи дека Обвинителството, во обид да се „испере“ од јавниот притисок, директно го компромитирало лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Во партиското соопштение се наведува дека Министерството за внатрешни работи, предводено од Панче Тошковски, како и Агенцијата за национална безбедност раководена од Бојан Христовски, изготвиле проценка дека Груби „не е безбеден“ во истражниот затвор „Шутка“, по што било предложено определување куќен притвор.
Од СДСМ велат дека суштината не е во тоа дали државата може да гарантира безбедност во притвор, туку дека целиот процес укажува на однапред договорено сценарио. Според нив, станува збор за политички договор меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, кој се реализира пред очите на јавноста.
„Режираното сценарио за реализација на дилот меѓу ВМРО и ДУИ се случува јавно. Доаѓањето на Груби е временски темпирано – прво да се преземе целосна контрола врз обвинителството со нова раководна поставеност, а потоа да се реализира договорот“, се наведува во реакцијата.
Од партијата ги посочуваат и имињата на обвинителите вклучени во предметот. Како предметен обвинител се наведува Даниел Коцев, додека раководител на Скопското обвинителство е Анел Фидоски, избран на функцијата на 20 јануари 2026 година.
Според СДСМ, токму новата кадровска поставеност во обвинителството овозможила реализација на, како што тврдат, однапред подготвено сценарио.
На крајот од соопштението, СДСМ упатува директно прашање до Мицкоски, барајќи да одговори „што треба ДУИ да добие за возврат“.
„Граѓаните гледаат и знаат“, порачуваат од партијата, оценувајќи дека случајот претставува уште една потврда за, како што велат, политичко влијание врз правосудниот систем.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

