26 февруари 2026
• од Станча Јаќимовски
Во пленарната седница на Собранието не беа усвоени законските измени предложени од Јована Тренчевска и пратеничката група на Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ), со кои минималната плата од март требаше да се зголеми на 36.960 денари, односно околу 600 евра.
Дебатата во Собранието помина во тензична атмосфера, проследена со меѓусебни обвинувања меѓу пратениците од опозицијата и владејачкото мнозинство.
Од опозицијата истакнаа дека зголемувањето на минималната плата е неопходно поради драстичниот пораст на трошоците за живот. Според нив, актуелната економска состојба и континуираното поскапување ја прават минималната плата недоволна за покривање на основните животни потреби.
„Во февруари 2026 година синдикалната кошничка е зголемена за речиси 1.000 денари во однос на претходниот месец. Во споредба со февруари 2025 година, таа е повисока за 3.600 денари, а во однос на 2022 година порастот изнесува повеќе од 30.000 денари. Ова се аргументите кои покажуваат зошто мора да се одговори на барањата на работниците за минимална плата од 36.000 денари“, изјави Тренчевска.
Од друга страна, пратеникот на Внатрешна македонска револуционерна организација – Демократска партија за македонско национално единство (ВМРО-ДПМНЕ), Петар Ристески, оцени дека предлогот е чист популизам и дека не се темели на економска логика.
„Доста е со политиканство и популизам. Ова што го правите е срамно. Свесни сме дека ова е обид за спас на партија со катастрофален рејтинг. Предлогот што го давате оди спротивно на економската логика и мислењето на економските експерти. Оваа Влада обезбедува поддршка и за работниците и за бизнис-секторот и уште од првиот ден работи на раст на платите. Платите во здравството, образованието и администрацијата се зголемени со историски стапки“, нагласи Ристески.
Иако предлогот не доби доволна поддршка, темата за минималната плата останува актуелна, особено во услови на зголемени животни трошоци и економски предизвици со кои се соочуваат граѓаните. Дебатата околу висината на минималната плата најавува продолжување и во наредниот период, со оглед на спротивставените ставови меѓу власта и опозицијата.
Прв ден без прекршок за поминување на црвено од стартот на „Безбеден град“
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

