07 февруари 2026
• од Станча Јаќимовски
Новопримените професионални војници кои се сместени во касарните во Велес и Штип се соочуваат со исклучително лоши услови за престој, сведочат неколку од нив за јавноста. Според нивните искази, во касарните нема греење, топла вода, ниту основни хигиенски услови, а храната е, како што велат, мизерна.
Ситуацијата дополнително се влошила откако кај двајца војници била дијагностицирана шуга – заразна кожна болест која најчесто се поврзува со нехигиенски услови. Освен тоа, дел од војниците заболеле и од бронхитис и пневмонија.
„Двајца веќе ја напуштија обуката, но ние другите не можеме. Ако сакаш да заминеш, мораш да платиш 5.000 евра“, вели питомка од касарната во Велес. Таа сведочи дека поради ниските температури во објектите, војниците спијат облечени во униформи. „Јас добив бронхит, како и повеќето од нас. Греењето го пуштија дури пред неколку дена, и тоа само затоа што дојдоа старешини од НАТО. Да не беа тие, уште ќе мрзневме.“
Според неа, условите не се соодветни ниту на минимум стандарди: валкани постелнини и ќебиња, лоша хигиена и недоволна и неквалитетна храна. „Разбирам дека сме војска, но ова се повеќе од мизерни услови“, додава таа.
И во касарната во Штип состојбата не е многу поинаква. Таму, исто така, нема греење и топла вода, но војниците барем имаат вреќи за спиење. „Тие спијат во вреќи, за разлика од нас кои спиеме во униформи“, вели питомката од Велес.
Откако било утврдено дека двајца војници се заразени со шуга, на останатите не им било дозволено да заминат дома за викенд. „Замислете, во 21 век, во армија на земја членка на НАТО, касарни во кои добиваш шуга и пневмонија. И јас би си заминала, но немам 5.000 евра за да платам“, вели таа.
Случајот со заразените војници со шуга беше објавен и во вечерните вести на ТВ 24. Од Армијата за телевизијата изјавија дека се постапува согласно здравствените протоколи.
„По дијагностицирањето, војниците се изолирани и упатени на домашно лекување. Веднаш се преземени превентивни мерки за спречување на ширење на болеста. Спроведен е и епидемиолошки надзор од страна на Воено-медицинскиот центар. Пред приемот на професионалните војници биле обезбедени сите предуслови за сместување, престој, живот и работа во единицата“, велат од Армијата.
Сепак, сведоштвата од теренот отвораат сериозни прашања за реалните услови во кои престојуваат новопримените професионални војници и за степенот на грижа за нивното здравје и достоинство.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

