16 март 2026
• од Станча Јаќимовски
Денеска се навршува една година од трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во која згаснаа повеќе млади животи, а голем број присутни беа повредени. По повод годишнината, проф. д-р Андон Чибишев преку објава на својот фејсбук-профил се потсети на тешките моменти со кои се соочиле медицинските тимови веднаш по несреќата.
Тој истакна дека периодот по трагедијата бил еден од најтешките во неговата докторска кариера, особено во првите триесетина дена кога медицинскиот персонал се борел за стабилизирање на повредените.
Според Чибишев, на Универзитетската клиника за токсикологија биле хоспитализирани околу дваесет тешки пациенти со акутно труење од отровни гасови. Во деновите и неделите што следувале, низ Клиниката поминале и голем број други пациенти кои биле присутни во дискотеката таа вечер и имале потреба од медицинска помош.
Тој нагласи дека благодарение на професионалноста, стручноста и посветеноста на целиот медицински персонал, пациентите биле стабилизирани и денес се со своите семејства.
Чибишев упати искрена благодарност до сите вработени на Универзитетската клиника за токсикологија, како и до сродните клиники и институции кои, како што наведе, во тој тежок период обезбедиле логистичка поддршка и несебична помош.
„Бог да ги прости сите што ги изгубија животите. Господ да им даде сила на сите што изгубија блиски во несреќата да продолжат понатаму. Никогаш повеќе да не се повтори“, порача Чибишев.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

