24 февруари 2026
• од Станча Јаќимовски
Пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, на денешната комисиска расправа во Собрание на Република Северна Македонија порача дека зголемувањето на минималната плата на 600 евра претставува неопходна мерка за обезбедување социјална нормалност, а не политички каприц или привилегија.
Според Битиќи, без јасна и конкретна законска интервенција, концептот на достоинствена минимална плата останува недостижен за голем број работници. Тој нагласи дека барањето за минимална плата од 600 евра не значи државата да биде пасивен набљудувач на економските текови, туку активно да ја преземе својата одговорност во креирањето праведни економски политики.
Во своето обраќање, Битиќи ја критикуваше Владата за, како што истакна, продлабочувањето на сиромаштијата, недоволната контрола врз растот на цените и изостанувањето на суштински социјален дијалог околу прашањето за минималната плата. Тој предупреди дека зголемените трошоци за живот директно ја намалуваат куповната моќ на граѓаните и создаваат системски притисок врз работничките семејства.
„Куповната моќ се јаде одвнатре, што укажува на тенденција сиромаштијата да биде системски толерирана. Во такви услови, Владата нема кредибилитет да зборува за одржливост кога станува збор за платите, а истовремено да ги игнорира сопствените институционални слабости што ја гушат економијата“, посочи Битиќи.
Тој додаде дека наместо да понуди конкретни решенија, извршната власт го префрла товарот врз работниците и синдикатите, испраќајќи порака дека нема простор за обезбедување достоинствени плати.
Во однос на социјалниот дијалог, Битиќи оцени дека барањата на синдикатите се соочуваат со одложување и игнорирање, што дополнително ја продлабочува недовербата. Според него, минималната плата од 600 евра треба да биде јасно дефинирана граница под која државата не смее да се повлече.
„Цените и трошоците веќе покажаа дека актуелните политики создаваат работничка сиромаштија. Работниците не смеат да бидат оставени сами да се справуваат со инфлацијата и слабата институционална контрола. Достоинството не се одложува – тоа мора да се гарантира“, заклучи Битиќи.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

