24 ноември 2025
• од Станча Јаќимовски
Денес, православните верници го слават споменот на Светиот великомаченик Мина – еден од најпочитуваните светители и чудотворци, познат по својата непоколеблива вера и големи подвизи.
Свети Мина бил по потекло Египќанец и служел како војник во римската војска. Иако ја извршувал својата должност со чест, неговото срце длабоко страдало кога го гледал незнабожечкото жртвопринесување на идолите. Неможејќи да поднесе да биде дел од тој мрак и безверие, тој ја напуштил војската, го оставил градот и се повлекол во пуста планина. Таму, во тишината, живеел меѓу дивите ѕверови, кои, како што велат преданијата, му биле подобро друштво од луѓето што не ја познаваат верата.
Еден ден, оддалеку го видел разузданото незнабожечко празнување во градот Катуанија. Охрабрен од силата на Светиот Дух, свети Мина се симнал во градот и пред сите ја исповедал својата вера во живиот Бог – Христос. Гласно ги разобличил идолите и незнабоштвото како лага и мрак.
Кнезот Пирос, зачуден од неговата смелост, го прашал кој е и од каде доаѓа. Светителот одговорил:
„Татковина ми е Египет, името ми е Мина. Бев офицер, но кога го видов идолопоклонството се одреков од вашите почести. Сега дојдов пред сите да Го објавам мојот Христос како вистинит Бог, за и Он мене да ме објави како Свој слуга во Царството Небесно.“
Разбеснет од неговата исповед, кнезот Пирос наредил свети Мина да биде подложен на најтешки маки. Го тепале, го стружеа со железни четки, го гореле со свеќи и го мачеле на разни начини. Кога не успеале да го скршат, го усмртиле со меч.
Неговото тело било фрлено во оган за да се спречи христијаните да го земат, но тие сепак успеале да спасат делови од неговите свети мошти. Подоцна, моштите биле пренесени во Александрија, каде што над нив била изградена црква.
Свети Мина пострадал околу 304 година, но неговата слава и чудотворна сила останале живи до денес. Многу луѓе сведочат дека приповикани со вера, неговата помош не изостанува.
Преданијата велат дека повеќепати се јавувал како војник на коњ – за да им помогне на верните или да ги казни неправедните.
Светиот великомаченик Мина претставува симбол на храброст, вера и пожртвуваност. Неговиот пример продолжува да ги води верниците и денес, потсетувајќи ги на силата на верата и Божјата правда.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

