03 декември 2025
• од Станча Јаќимовски
Денес Православната црква одбележува спомен на повеќе духовни великани, кои со својот живот и дело оставиле неизбришлива трага во христијанската историја.
Преподобен Григориј Декаполит е роден во Декапол, како дете на благочестивите родители Сергиј и Марија. По завршувањето на училиштето, семејството посакало да го ожени, но тој, воден од силна духовна определба, се повлекол во пустина и станал монах.
Во текот на својот живот патувал и живеел во повеќе значајни христијански центри, меѓу кои и Византија, Рим и Олимписка Гора. Секаде каде што престојувал ги восхитувал луѓето со подвизи, чуда и ревност во молитвата. Според преданието, често бил озаруван од небесна светлина и имал духовни виденија во кои му се јавувале ангели.
Својот земен живот го завршил во 9 век во Цариград, каде мирно се упокоил и се преселил во радоста на својот Господ.
Свети Прокл бил ученик на Јован Златоуст. Тој прво станал епископ на Кизик, а подоцна и патријарх на Цариград. Со Црквата управувал мудро и посветено, во време на важни историски собитија.
За време на владеењето на Теодосиј II и неговата сестра Пулхерија, бил извршен пренос на моштите на Јован Златоуст од Коман во Цариград. Во исто време, Константинопол бил погоден од силен земјотрес. Тогаш, по повик на патријархот и царот, била одржана голема литија со молитва за спас. Во тој миг, едно дете чудесно било подигнато во воздухот и оттаму ја пренело песната: „Свети Боже, Свети Крепки, Свети Бесмртни, помилуј нѐ!“ – химна која оттогаш станала дел од богослужбите.
Детето било погребано во црквата Св. Ирина, а потресот веднаш престанал. Прокл служел како патријарх 20 години и мирно се упокоил во 446 година.
Браќата Свети Евстатиј, Теспесиј и Анатолиј потекнувале од Никомидија и биле деца на незнабожните родители Филотеја и Евсевиј. Подоцна целото семејство ја примило христијанската вера од Св. Антим Никомидиски. Нивниот татко Филотеј станал презвитер.
За време на гонењата под царот Максимијан, браќата биле изведени пред суд, свирепо мачени и осудени на смрт. Во затворот ангели им носеле манна и сила за трпение. Тие пострадале околу 313 година, предавајќи ги своите млади души на Бога уште пред погубувањето, по што војниците им ги отсекле главите.
Свети Исак бил десетти архиепископ на Ерменската црква. Роден во Цариград како син на царски пратеник, тој пастирски ја водел Црквата цели 50 години. Неговото најзначајно дело бил преводот на Светото Писмо на ерменски јазик, поставувајќи ги темелите на духовната писменост на својот народ.
Во видение му било откриено дека Ерменците ќе се оддалечат од чистата православна вера. Тој се упокоил мирно во 440 година.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

