09 декември 2025
• од Станча Јаќимовски
Православната црква денес го чествува споменот на Преподобен Алипиј Столпник, еден од најпознатите подвижници и столпници во христијанската традиција. Роден во пафлагонискиот град Адријанопол, уште од најрана возраст му бил посветен на Бога и растел во духот на молитвата и богопосветениот живот.
Алипиј својата служба ја започнал како ѓакон во црквата на епископот Теодор. Но стремежот кон подлабок осаменички и молитвен живот го водел подалеку од градот, на едни запустени елински гробишта што луѓето ги избегнувале поради честите демонски привиденија. Токму таму светиот подвижник забил крст и изградил храм посветен на Света Ефимија, која, според преданието, му се јавила во сон.
Крај новоизградениот храм Алипиј подигнал висок столб и се искачил на него, започнувајќи подвиг каков што малкумина го издржале. На тоа место, во постојана молитва, пост и богомислие, поминал педесет и три години.
Животот на столбот не му бил само подвиг на трпение туку и непрестајна духовна борба. Свети Алипиј поднел безброј напади и маки од демоните – од страшни привиденија до фрлање камења, ден и ноќ. Но тој останал непоколеблив, оградувајќи се со знакот на крстот и со името Исусово, сѐ додека демоните конечно не се повлекле, победени од неговата духовна сила.
По победата над демонските искушенија, славата за светителот се проширила. Луѓе од сите страни почнале да го посетуваат, барајќи молитви, утеха, поуки и исцеление. Крај неговиот столб биле изградени два манастири – еден машки и еден женски, во кој се замонашиле неговата мајка и сестра.
Преку својот пример и мудро слово, Алипиј ги раководел монасите и монахињите, блескајќи како „небесна светилка“ и покажувајќи го патот кон спасението. Според преданието, толку голема била Божјата благодат врз него што честопати бил озаруван од небесна светлина, над која се издигал светлосен столб до самото небо.
Свети Алипиј живеел повеќе од сто години и се упокоил во Господа во 640 година, за време на владеењето на цар Ираклиј. Неговите мошти продолжиле да бидат извор на чудеса, а неговата чесна глава денес се чува во манастирот Кутлумуш на Света Гора.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

