Желјазков: Бугарија останува цврсто на страната на Украина во борбата за праведен и траен мир
Бугарија останува посветена на поддршката за напорите на Украина за воспоставување на праведен и траен мир. Ова го изјави бугарскиот премиер Росен Желјазков за време на средбата со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, информира владината прес-служба.
Разговорот меѓу двајцата лидери се одржа во рамки на низа билатерални средби што премиерот Желјазков ги имаше во Тирана, каде се одржа Шестиот самит на Европската политичка заедница.
Според премиерот Желјазков, воспоставувањето на мир не е само начин да се стави крај на војната во Украина и да се врати нејзиниот територијален интегритет. Тоа, како што истакна, е и прашање од суштинско значење за безбедноста на Европа и начин на кој континентот ќе ја изгради својата безбедносна архитектура и одбранбени капацитети во новата геополитичка реалност.
Во соопштението на бугарската влада се додава дека премиерот Желјазков, во разговорот со претседателот Зеленски, нагласил и колку е важно да се засили индустрискиот воен капацитет на Европа, не само како гаранција за Украина, туку и за стабилноста на целиот европски континент.
„Прекинот на огнот претставува една од клучните претпоставки за почеток на мирни преговори и постигнување јасен и праведен мир – и за Украина и за спокојството во Европа“, изјавил Желјазков. Тој додал дека поставувањето на какви било предуслови може да ја загрози кревката надеж во преговорите што допрва треба да започнат.
Покрај средбата со Зеленски, бугарскиот премиер оствари разговори и со високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каија Калас, претседателката на Молдавија Маја Санду, претседателот на Албанија Еди Рама и австрискиот канцелар Кристијан Штокер.