16 август 2025
• од Станча Јаќимовски
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека неговата земја „смета на Америка“, неколку часа пред историската средба меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин во Алјаска, пренесе „Политико“.
„Навистина, висок влог“, напиша Зеленски во објава на социјалната мрежа Х (поранешен Твитер), повторувајќи ја речиси истата порака од Трамп, кој претходно на Truth Social објави „ВИСОКИ ВЛОЗИ!!!“ пред заминувањето за заедничката воена база Елмендорф-Ричардсон во Анкориџ.
„Време е да се стави крај на војната и Русија мора да ги преземе неопходните чекори. Ние сметаме на Америка. Подготвени сме, како и секогаш, да работиме колку што е можно попродуктивно,“ додаде Зеленски.
Во друга објава, Трамп откри дека имал „прекрасен разговор“ со, како што го нарече, „многу почитуваниот“ белоруски лидер Александар Лукашенко – близок сојузник на Путин. „Разговорот беше многу добар. Дискутиравме за многу теми, вклучително и за посетата на претседателот Путин во Алјаска,“ напиша Трамп.
Оваа средба е прва лична средба меѓу американски претседател и Владимир Путин од почетокот на целосната руска инвазија врз Украина во февруари 2022 година. Главната цел е воспоставување основа за можен прекин на огнот. Зеленски и европските лидери не се поканети на самитот.
„Клучно е оваа средба да отвори реален пат кон праведен мир и суштинска дискусија во тристран формат – Украина, Соединетите Држави и Русија,“ нагласи Зеленски во друга објава.
Средбата ќе започне околу 10 часот по московско време (исто и со македонското) на воениот објект во Анкориџ. Во првата фаза, Трамп и Путин ќе разговараат на четири очи, придружувани само од своите преведувачи. Подоцна ќе се одржат пошироки дискусии.
Од руската страна, делегацијата ќе ја сочинуваат Путин, министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, министерот за одбрана Андреј Белоусов, министерот за финансии Антон Силуанов, советникот на Путин Јуриј Ушаков и специјалниот претседателски пратеник Кирил Дмитриев, објавија руските државни медиуми.
Белата куќа најави американска делегација од 16 членови, меѓу кои државниот секретар Марко Рубио, министерот за финансии Скот Бесент и директорот на ЦИА Џон Ратклиф.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден