28 октомври 2025
• од Станча Јаќимовски
Украина е подготвена да започне мирни преговори, но нема намера да отстапи од ниту една своја територија, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски, пренесува „Ројтерс“.
„Пристапуваме кон дипломатијата од позицијата на која се наоѓаме денес. Нема да направиме ниту еден чекор назад, нема да се откажеме од ниту еден дел од нашата држава,“ нагласи Зеленски.
Изјавата доаѓа по откажувањето на планираниот состанок во Будимпешта меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот лидер Владимир Путин. Средбата беше откажана откако Москва побара Украина да се повлече од нови територии како предуслов за прекин на огнот.
Трамп јавно ја поддржа украинската позиција за итно запирање на борбите по тековната фронтова линија, што Зеленски го оцени како „важен и јасен сигнал од САД“.
Украинскиот претседател нагласи дека е подготвен да учествува во преговори каде било — вклучително и во Унгарија — и покрај резервите кон унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој, според него, „го блокира сето што е поврзано со Украина“.
„Ако ќе има резултати, тогаш слава Богу — нека разговорите се одржат каде и да е. Тоа речиси и да не е важно, само не во Русија и сигурно не во Белорусија,“ изјави Зеленски.
Покрај тоа, украинскиот лидер го повика Конгресот на САД да воведе построги санкции против Русија, по одлуката на администрацијата на Трамп да санкционира две од најголемите руски нафтени компании — „Роснефт“ и „Лукоил“.
Зеленски додаде дека за да ја одржи стабилноста и одбранбената способност, Украина ќе има потреба од стабилна финансиска поддршка од своите европски партнери најмалку уште две до три години.
Дипломатски извори наведуваат дека иницијативата за нови мировни преговори во Будимпешта не е откажана, туку само привремено замрзната — сè додека Москва не се откаже од своите територијални барања.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

