20 ноември 2025
• од Станча Јаќимовски
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изрази благодарност кон турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за неговата денешна посета и разговорите што ги одржаа, нагласувајќи дека Анкара има значајна улога во дипломатските напори за прекин на војната. Во објава на „Телеграм“, Зеленски истакна дека со Ердоган детално ги разгледале можните патишта за „сигурен и достоинствен крај на војната“.
Зеленски нагласи дека од почетокот на годината Украина ги поддржува сите решителни чекори на американскиот претседател Доналд Трамп, како и неговите предлози за запирање на конфликтот. Според украинскиот лидер, „само претседателот Трамп и САД имаат доволно сила оваа војна конечно да заврши“.
Тој откри дека Ердоган предложил нови формати за разговори, кои Киев ги прифатил, и нагласи дека е важно Турција да биде подготвена да обезбеди платформа за идни преговори. „Подготвени сме да работиме во сите смислени формати што можат да донесат резултати“, порача Зеленски.
Украинскиот претседател повтори дека клучот за прекин на крвопролевањето и воспоставување траен мир е силната координација меѓу сите меѓународни партнери. Тој подвлече дека американското лидерство мора да остане „ефективно, силно и насочено кон мир кој ќе трае долго и ќе обезбеди сигурност за луѓето“.
Според информации објавени од „Политико“, САД привршуваат со подготовката на нов мировен план за Украина. Висок функционер на Белата куќа очекува рамката на договорот да биде финализирана до крајот на ноември, а можно е тоа да се случи и оваа недела. Анонимни американски извори потврдија и дека Вашингтон и Москва разговараат за можноста за постигнување договор, додека специјалниот пратеник на САД за Блискиот Исток, Стив Виткоф, во моментов води разговори со украинската страна со цел да ја убеди да ја прифати предложената рамка.
Од руската страна, портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков соопшти дека по средбата во Анкрејџ не се случиле „квалитативни промени“ во дискусиите за прекин на војната. Тој додаде дека, освен темите разговарани таму, Москва сè уште нема добиено нови конкретни предлози во врска со Украина.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

