Зеленски и Руте разговараа за напорите за мир и зголемување на притисокот врз Русија
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, соопшти дека остварил разговор со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте. Како што јавува Би-Би-Си, главни теми биле актуелната безбедносна ситуација, следните заеднички чекори и потребата од засилен притисок врз Руската Федерација.
„Разговаравме за моменталната состојба, координираните идни потези и неопходноста од вршење постојан притисок врз Русија. Споделив детали за контактите со меѓународните партнери и го информирав за можните формати и платформи за продолжување на преговорите со руската страна за прекин на огнот“, напиша Зеленски на Телеграм.
Претседателот исто така истакна дека биле разгледани и дополнителни санкции против Москва.
„Клучно е сите одлуки да се донесуваат усогласено. Само тогаш санкциите ќе имаат реален ефект. Без силен и континуиран притисок врз Москва, праведен мир е невозможен – тоа го разбираат сите“, додаде тој.
Од своја страна, Руте објави на социјалната мрежа X дека со Зеленски разговарале за напорите за обезбедување праведен и одржлив мир, како и за континуираната поддршка на НАТО за Киев.