Во Данска ќе се оди во пензија на 70 години – највисока граница во Европа
Данска наскоро ќе стане земјата со највисока возраст за пензионирање во Европа, откако парламентот изгласа закон со кој официјалната старосна граница за пензионирање се зголемува на 70 години до 2040 година, пренесе Би-Би-Си.
Од 2006 година, Данска ја поврзува возраста за пензионирање со очекуваниот животен век, а проценките се ревидираат на секои пет години. Во моментов, граѓаните се пензионираат на 67 години, но според новиот план, таа ќе се зголеми на 68 во 2030 година, 69 во 2035, и конечно ќе достигне 70 години во 2040. Ова ќе се однесува на сите лица родени по 31 декември 1970 година.
Законот беше изгласан со 81 глас „за“ и 21 „против“, но не помина без отпор. Премиерката Мете Фредериксен минатата година најави дека предлогот ќе биде предмет на повторни преговори, велејќи: „Веќе не веруваме дека возраста за пензионирање треба автоматски да се зголемува. Не можете само да велите дека луѓето мора да работат една година подолго.“
Мерката наиде на остри реакции, особено од работниците во физички напорни професии. Томас Јенсен, 47-годишен кровопокривач, ја оцени мерката како неразумна. „Работиме и работиме, но не можеме да продолжиме. Треба да има време и за семејството, за децата и внуците,“ изјави тој за данскиот медиум DK.
Синдикатите организираа протести во Копенхаген во изминатите недели. Претседателот на данската конфедерација на синдикати, Јеспер Етруп Расмусен, изјави дека зголемувањето е „целосно неправедно“. Тој нагласи дека Данска има здрава економија, но и највисока возраст за пензионирање во ЕУ, што, според него, го загрозува достоинствениот живот на пензионерите.
Зголемувањето на старосната граница за пензија е дел од поширок европски тренд. Многу земји ги прилагодуваат пензиските системи според зголемениот животен век и фискалните предизвици. Во Шведска, најниската возраст за пензионирање е 63 години, додека во Италија е 67, со можност за дополнителни прилагодувања. Во Велика Британија, пензиската возраст постепено се зголемува над 66 години, а Франција неодамна ја зголеми од 62 на 64 години, предизвикувајќи масовни протести.
Иако мерката во Данска има за цел да обезбеди одржлив пензиски систем, таа отвора прашања за еднаквоста меѓу различните професии и квалитетот на животот во старост. Дебатата околу тоа дали е фер и издржливо да се работи до 70 години допрва ќе се води во данското општество.