Владислав Горанов: F-16 е симбол на нова ера за Бугарија – нема враќање назад
„Нема држава на Балканот што располага со ваков авион – F-16 е симбол на еден нов почеток за Бугарија.“
Ова го изјави Владислав Горанов, поранешен министер за финансии на Бугарија, во телевизиско гостување, зборувајќи за еден од најважните моменти во поновата бугарска историја – одлуката за набавка на американските борбени авиони F-16.
Горанов потсети дека пред точно пет години, како дел од тимот што стоел зад оваа одлука, учествувал во жестоки дебати за нејзината оправданост и стратешка вредност. „Тоа беше историски чекор кој ја промени насоката на државата. Ако тогаш не покажевме храброст, денес ќе дебатиравме дали воопшто припаѓаме на западниот свет,“ рече тој.
Според Горанов, авионот F-16 не е само технолошки исчекор, туку и јасен сигнал дека Бугарија има сериозна намера да биде стабилен и сигурен партнер во НАТО. Со самото тоа, како што рече, државата покажала зрелост и стратешка визија.
„Кога ја носевме оваа одлука, САД немаа целосна доверба во нашата политичка стабилност. Побараа авансна уплата, бидејќи не беа сигурни дека наредната влада ќе го почитува договорот. Ги уплативме средствата и покрај тоа што парите ни стоеја во сметка без камата. Но стекнавме доверба, и тоа беше поважно“, објасни Горанов.
Тој исто така го посочи и следниот голем стратешки предизвик за Бугарија – влезот во еврозоната. Според него, тоа е следниот „рубеж“ којшто ќе го закотви патот на земјата во европското семејство.
„Само со членство во еврозоната ќе се осигураме дека никој никогаш нема да помисли дека левот може да се замени со рубљи. Оваа транзиција предизвикува отпор, но колку повеќе предизвици надминуваме, толку посилни стануваме“, додаде тој.
Горанов нагласи дека иако партијата ГЕРБ можеби оди со понекогаш колебливи чекори, таа никогаш не ја менува насоката – европска, реформска и ориентирана кон стабилност.
„Ние поминавме точка од која нема враќање. Тоа е добра вест за секој граѓанин кој верува во европска иднина,“ заврши Владислав Горанов.