29 јули 2025
• од Станча Јаќимовски
Потенцијалната средба помеѓу лидерите на Северна Кореја и САД ќе остане само „надежда“ за Вашингтон, доколку Белата куќа не го промени својот однос кон Пјонгјанг и не ја признае Демократската Народна Република Кореја (КНДР) како држава што поседува нуклеарно оружје. Ова го изјави сестрата на севернокорејскиот лидер Ким Чен Ун — Ким Јо Џонг.
„Ако САД не ги разберат промените во реалноста и продолжат да се држат до минатите неуспеси, тогаш средбата меѓу КНДР и САД ќе остане само надеж за САД“, се наведува во соопштението на Ким Јо Џонг, објавено од државната новинска агенција ЦТАК.
Таа потенцира дека времињата се сменети и дека веќе не е 2018 или 2019 година, туку 2025.
„Признавањето на неповратниот статус на нашата држава како нуклеарна сила, нејзините способности и очигледниот факт дека геополитичката ситуација се смени драстично, треба да биде основа за секоја понатамошна проценка и размислување“, изјави таа.
Ким Јо Џонг исто така предупреди дека секој обид за негирање на нуклеарниот статус на КНДР ќе биде одбиен. Иницијативи за воспоставување врски меѓу лидерите на двете држави со цел разоружување на Северна Кореја ќе бидат сфатени како „подбив“.
Според неа, време е да се признае дека конфронтацијата меѓу две нуклеарни држави не е од корист за никого и дека треба да се „бара нов пат за контакт, базиран на нов пристап“.
Оваа изјава доаѓа откако претставник на Белата куќа изјави за јужнокорејската новинска агенција „Ренхап“ дека американскиот претседател Доналд Трамп и понатаму е отворен за дијалог со Ким Чен Ун, со цел постигнување нуклеарно разоружување на КНДР.