03 септември 2025
• од Гоце Кически
Екипата за проверка на факти на „Euronews“ откри нов бран на онлајн дезинформации насочени кон дискредитирање на проевропската влада на претседателката Маја Санду. Кампањата доаѓа во пресрет на клучните парламентарни избори во Молдавија, закажани за 28 септември.
Претседателката Санду и нејзината партија „Партија за акција и солидарност“ (ПАС) се надеваат дека ќе го задржат курсот на земјата кон Европската Унија, и покрај жестоките напади од Кремљ и неговите локални сојузници. Молдавија, сместена помеѓу Романија и Украина, одамна е цел на хибридни напади од Москва, кои имаат за цел да ја вратат земјата под руско влијание.
„EuroVerify“ идентификуваше повеќе TikTok видеа со фабрикувани слики и „дипфејк“ снимки од Санду. Во нив се шират лажни пораки дека Молдавија наводно е под диктат на НАТО и ЕУ, како и дека победата на владејачката ПАС ќе ја турнела земјата во војна со Русија.
Истражувањата открија дека овие содржини се дел од познатата руска дезинформациска операција „Матрјошка“, која користи вештачка интелигенција за да произведува убедливи, но целосно лажни материјали.
Министерството за одбрана на Молдавија јасно демантираше шпекулации дека наводно во земјата ќе бидат распоредени 800 војници од НАТО за да го поддржат режимот на Санду. „Овие вести се лажни и имаат за цел да шират страв и недоверба,“ појаснија од министерството.
Клучната фигура во проруските структури останува олигархот-бегалец Илан Шор, кому молдавскиот Врховен суд во август му забрани учество на изборите. Шор е познат по тоа што работи директно во интерес на Кремљ, спроведувајќи коруптивни и дестабилизирачки операции во земјата.
Спротивно на тоа, лидерите на Франција, Германија и Полска кон крајот на август ја посетија Кишињев, испраќајќи силна порака на поддршка за европските аспирации на Молдавија. „Европската Унија не им се заканува на народите и го почитува нивниот суверенитет, за разлика од Русија,“ изјави францускиот претседател Емануел Макрон.
Руската пропагандна машинерија шири и лажни вести дека изборите ќе бидат местени. Видеа генерирани со вештачка интелигенција покажуваат наводни изборни работници како под притисок печатат гласачки ливчиња за ПАС. Слични техники веќе се користени и во Украина, насочени против претседателот Володимир Зеленски.
Сè поочигледно е дека Русија ја гледа Молдавија како следна цел на својата хибридна војна, откако не успеа да ја сврти Украина од европскиот пат. Но граѓаните на Молдавија, како и целата регија, разбираат дека единствениот пат кон стабилност, просперитет и безбедност е интеграцијата во ЕУ.
Дезинформациските напади од Москва се уште еден доказ дека Кремљ се плаши од европски и демократски Молдавија. Токму затоа поддршката на Западот е клучна – не само за изборите на 28 септември, туку и за иднината на целиот регион.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден