19 декември 2025
• од Станча Јаќимовски
Бугарија е подготвена да биде активен и одговорен партнер во рамките на еврозоната, изјави бугарскиот премиер Росен Жељазков пред почетокот на состанокот на Европскиот совет во Брисел. Неговата изјава беше објавена на официјалната страница на Советот на министри на Бугарија на социјалната мрежа Фејсбук.
Според Жељазков, усвојувањето на еврото е резултат на долгорочни и последователни напори, како и спроведени реформи, кои ќе придонесат за поголема економска стабилност, зголемена доверба и отворање нови можности за бугарските граѓани и за бизнис-заедницата.
Во рамките на средбата, премиерот му подари сет од бугарските евромонети на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Тој ѝ изрази благодарност за континуираната поддршка што Европската комисија ѝ ја дава на Бугарија во процесот на пристапување кон еврозоната, истакнувајќи ја важноста на конструктивниот дијалог и експертската помош во сите фази од подготовките. Според него, оваа поддршка била од клучно значење за успешно придвижување и финализирање на процесот.
Жељазков ја запозна Урсула фон дер Лајен и со националните симболи прикажани на задната страна од бугарските евромонети, кои ја отсликуваат историјата, културниот идентитет и местото на Бугарија во европското семејство.
Премиерот нагласи дека членството на Бугарија во еврозоната претставува последен чекор кон целосната европска интеграција на земјата во економските и финансиските структури на Европската Унија.
Бујар Дардишта уапсен при обид за бегство на граничниот премин Долно Блаце
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

