Проф. Кочева: Кирилицата треба да се признава како бугарска азбука во ЕУ
Бугарската азбука и писменост се меѓу најстарите во Европа, а старобугарската азбука – глаголицата од IX век – претставува едно од најзначајните културни достигнувања на европскиот континент. Ова го изјави проф. Ани Кочева од Институтот за бугарски јазик при Бугарската академија на науките (БАН) во емисијата „Брисел 1“.
„Треба да имаме самодоверба како народ кој ги поставил темелите на културна Европа“, истакна проф. Кочева. Таа се осврна и на важноста за меѓународно признавање на кирилицата како „бугарска азбука“ во рамките на Европската унија и посочи дека е потребен континуиран ангажман на културната дипломатија. Според неа, Бугарија треба да ја искористи целата сила на своите дипломатски и културни ресурси за промоција на оваа идеја.
Проф. Кочева упати и интересна забелешка во врска со „југозападната соседка“ (алудирајќи на Македонија), за која рече дека многу активно, ефикасно и со значителни финансиски средства ја води својата културна политика на меѓународен план.
Во врска со распространетоста на бугарскиот јазик во светот, професорката истакна дека над 15 милиони луѓе се бугароезични. Во таа бројка ги вклучи и дијалектите на бугарскиот јазик кои се зборуваат во Мизија, Тракија и Македонија – како дел од „непрекинливиот бугарски јазичен континуум“, како и старата и новата емиграција. Таа појасни дека старата емиграција датира уште од почетокот на минатиот век, па дури и од порано, додека новата се однесува на економската емиграција по Втората светска војна.
„Некои од овие луѓе немаат бугарска самосвест, но многу од нив имаат“, додаде таа.
На крајот, проф. Кочева го честиташе 24 Мај – Денот на бугарската просвета и култура и на словенската писменост, празник кој се слави и во други словенски земји.