06 март 2026
• од Тодор Вангелов
По шест дена проблеми со воздушниот простор на Блискиот Исток, авиокомпаниите постепено почнуваат повторно да летаат. Проблемите настанаа поради конфликтот меѓу САД, Израел и Иран, што доведе до затворање на дел од небото за авиони.
Авиокомпанијата Емирејтс со седиште во Дубаи соопшти дека очекува во наредните денови повторно да работи со целосен капацитет. Во моментот компанијата лета со намален број летови, но постепено ги враќа своите линии.
Во четвртокот околу 30.000 патници заминале од Дубаи со летови на Емирејтс. До сабота се очекува компанијата да има 106 дневни повратни летови до 83 дестинации, што е околу 60 проценти од нејзината мрежа.
Од компанијата велат дека безбедноста останува најважна. Патниците со претходни резервации имаат приоритет и треба да дојдат на аеродром само ако имаат потврдена резервација.
Во некои држави каде што има голема побарувачка, бројот на летови е зголемен. Само во Велика Британија, Емирејтс до сабота ќе има 11 летови дневно од пет аеродроми. Во Индија компанијата ќе има 22 дневни летови до девет градови, а во САД во моментов лета до седум дестинации.
Во последните 84 часа, аеродромите во Дубаи опслужиле повеќе од 1.140 летови. Од 2 до 5 март, повеќе од 500 летови полетале од двата аеродроми во градот, со 105.000 места за патници кон повеќе од 80 држави.
Во меѓувреме, авиокомпанијата Етихад Ервејс почнува повторно со ограничен распоред на летови од Абу Даби. Компанијата најави дека од 6 до 19 март планира летови до повеќе од 70 дестинации, доколку се исполнат сите безбедносни услови.
Од друга страна, летовите на Катар Ервејс засега остануваат привремено стопирани, затоа што воздушниот простор на Катар е затворен. Компанијата започна и неколку специјални летови од градовите Мускат и Ријад за да им помогне на патниците кои останале заглавени поради кризата.
Поради нестабилната ситуација, голем број авиокомпании привремено откажаа или променија летови.
Британската компанија Бритиш Ервејс организира специјални летови од Мускат до Лондон за патници кои веќе имаат резервации.
Финската авиокомпанија Финејр планира посебни летови од Мускат до Хелсинки за околу 1.200 патници кои се наоѓаат во Дубаи.
Компанијата Вирџин Атлантик веќе ги продолжи летовите од Дубаи кон Лондон, а повторно почна да лета и од Ријад.
Неколку други авиокомпании како Виз Ер, Туркиш Ерлајнс, Ер Франс, Ке-ел-ем, Луфтханза и Ер Канада исто така привремено ги намалија или откажаа летовите кон некои градови на Блискиот Исток.
Во меѓувреме, кинеските авиокомпании почнуваат повторно да летаат кон некои држави во регионот. Кина исто така организира летови за евакуација на свои граѓани од Блискиот Исток.
Кинеското Министерство за надворешни работи предупреди дека ситуацијата во регионот и понатаму е сложена и неизвесна, па авиосообраќајот може повторно да се менува.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

