20 август 2025
• од Станча Јаќимовски
Археолозите направија сензационално откритие кај селото Јунаците, во близина на Пазарджик – мало златно монисто, кое според истражувањата е најстарото злато пронајдено во Европа. Овој артефакт е датиран неколку века порано од познатиот варненски халколитен некропол, што го менува досегашното читање на историјата на овие простори.
Златното монисто е пронајдено во рамките на археолошките ископувања на т.н. „Град на птиците“. Овој древен град, основан пред околу 8.000 години, бил населуван од луѓе кои поседувале висока култура и добро развиена цивилизација. Иако куќите им биле изградени од дрвени прути и глина, археолозите откриле докази за организирано живеење, специјализирано производство и напредни општествени односи.
Особено значајни се просториите со повеќе камени жрнови за мелење жито, што упатува на заедничко користење или размена на храна. Археолозите откриваат и камени алатки, како и култни предмети со мотиви од птици – јасен показател за верувањето во птиците како прародители и духовни симболи.
„Градот на птиците“ не бил само населба, туку вистински урбан центар – со улици, јавни згради и култни места. Фигурините со облик на птица-човек сведочат за духовниот живот и уметничкиот израз на овие луѓе. Тие живееле во изобилство и се посветувале на создавање и култура.
Но, околу 6.000 години пред нашата ера, нивниот град бил нападнат и уништен од примитивни племиња кои веќе го имале опитомено коњот. Археолошките наоди со траги од оружје сведочат за нерамноправната битка – мирните земјоделци и занаетчии биле победени од воинствени коњаници.
Откритието на златното монисто кај Јунаците не е само археолошка сензација, туку и историски пресврт. Тоа покажува дека на овие простори постоеле култури со високо развиени општествени, економски и духовни системи многу порано отколку што се претпоставуваше.
„Градот на птиците“ со своето злато, уметност и култ ја потврдува длабоката и богата традиција на цивилизациите што го населувале Балканот пред милениуми.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден