29 јули 2025
• од Станча Јаќимовски
Феновите на хеви металот, готик културата и сродните музички стилови во Русија се најдоа под сериозна закана откако Врховниот суд на земјата ја прогласи таканаречената „меѓународна сатанистичка организација“ за екстремистичка и терористичка. Иако не постои конкретна структура со такво име, оваа одлука, пренесена од британскиот The Times, веќе предизвикува загриженост кај љубителите на алтернативната сцена.
Одлуката доаѓа по инсистирање од врвот на Руската православна црква, предводена од патријархот Кирил, и по притисоци од пратеници и државни функционери. Според новото толкување на законот, припадност или симпатии кон такво движење може да се казнат со до 8 години затвор.
Во април оваа година, пратеникот Андреј Картаполов изјави дека сатанизмот претставува „директна закана за руската државност“, тврдејќи дека сатанистичките активности во Русија биле финансирани од западни земји. Претставници на владејачката партија „Единствена Русија“ изнесоа тврдења за наводни „сатанистички сексуални оргии“ во Москва, додека патријархот Кирил ја нарече сатанистичката идеологија „уништувач на националниот идентитет“, истакнувајќи дека руските војници во Украина се борат токму против сатанисти.
Одлуката доаѓа по минатогодишниот скандал, кога Кремљ ослободи маж осуден за ритуални убиства на четири девојчиња, откако тој доброволно се бореше шест месеци на фронтот во Украина.
Правозащитни организации веќе изразија загриженост дека оваа забрана би можела да се користи за криминализирање на фановите на метaл, готик и индустријал музиката, чии визуелни и текстуални елементи често вклучуваат окултни или сатански симболи. Одлуката ќе стапи во сила следниот месец, но постои ризик да има и ретроактивно дејство — што значи дека и стари објави на социјалните мрежи со такви мотиви може да бидат причина за обвинение.
Засега не е објавен целосниот текст на одлуката, па не е прецизирано кои симболи точно се забранети. Тоа остава простор за произволна примена на законот.
Со оваа одлука, Русија го проширува списокот на забранети „екстремистички“ организации, во кој веќе се вклучени ЛГБТ движењето, Свидетелите на Јехова, поддржувачите на покојниот опозициски лидер Алексеј Навални и други. Истовремено, официјална Москва неодамна ги отстрани талибаните од списокот на терористички организации, во обид да ги зајакне врските со властите во Авганистан.
Новата забрана предизвика и иронични коментари. Пратеникот и водител Евгениј Попов напиша саркастично: „На мое срамење, не знаев дека бројот на сатански оргији се зголемил.“
Во атмосфера на засилена репресија, руските фанови на алтернативната музика се соочуваат со неизвесност и страв дека нивната уметничка или субкултурна припадност би можела да се третира како тероризам.