02 јануари 2026
• од Станча Јаќимовски
Бизнисменот од Струмица, Ристо Крмзов, е главнообвинет во обвинението кое го одобри Кривичниот суд во Скопје, а кое го поднесе Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Обвинението опфаќа вкупно 10 физички лица и 13 компании, кои се товарат за тешки финансиски кривични дела во вредност од десетици милиони евра. Обвинителството побара и конфискација на веќе замрзнат имот.
Според обвинението, Крмзов заедно со своите внуци се сомничи дека биле организатори на криминална шема преку мрежа на компании, со која издавале фиктивни фактури со цел незаконски поврат на ДДВ и намалување на даночните обврски. Во случајот се обвинети и други соработници, меѓу кои три сметководители и повеќе компании, вклучително и градежната фирма „Крмзов – МР“, објави емисијата КОД.
Истрагата открила и сериозни сомнежи за перење пари преку Косово. Според наводите, недвижности во Струмица биле продавани по неколку пати по цена и до 18 илјади евра за метар квадратен, преку правни субјекти регистрирани на име на непостоечки граѓани од Косово. На овој начин бил создаван вештачки промет на сопственост, со цел прикривање на вистинското потекло на парите.
Обвинителството информира дека преку оваа шема биле прикажани околу 67 милиони евра влезен ДДВ, од кои 22 милиони евра биле вратени од Управата за јавни приходи, додека 7,5 милиони евра биле искористени за покривање даночни обврски. Средствата потоа биле префрлани меѓу компаниите, користени за купување недвижности, отплата на кредити и плаќања во градежниот сектор.
Ристо Крмзов ги негира обвинувањата и тврди дека станува збор за политички мотивиран процес. Со одобрувањето на обвинението, предметот преминува во судска фаза, а Обвинителството останува на барањето за конфискација на имотот стекнат со кривични дела.
Поднесено обвинение за злоупотреби и измами при јавни набавки во РЕК Битола
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

