Лондон размислува за задолжителна хемиска кастрација на сексуални престапници
Британската влада разгледува можност за воведување задолжителна хемиска кастрација за сексуални престапници, како дел од широка судска реформа насочена кон справување со пренатрупаноста во затворите, пренесува агенцијата „Ројтерс“.
Министерката за правда, Шабана Махмуд, ги објави резултатите од прегледот за решавање на оваа криза, истакнувајќи дека е предложено продолжување на пилот-програмата со употреба на таканаречени „лекови за контрола на сексуална возбуда“.
„Разгледувам дали постои можност оваа мерка да стане задолжителна“, изјави таа пред парламентот.
Главната цел на мерките е да се намали рецидивизмот и да се ослободи притисокот врз затворскиот систем. Во извештајот се споменуваат медикаменти кои го намалуваат либидото и сексуалните импулси.
Во септември бројот на затворени лица во Англија и Велс достигна рекордно ниво. Поради тоа, властите веќе почнаа привремено да користат полициски станици за сместување на затвореници. Новата лабуристичка влада, која дојде на власт во јули, веднаш најави планови за предвремено ослободување на дел од затворениците, со цел да се спречи целосен колапс на правниот систем.
Независниот извештај за судските пресуди, предводен од поранешниот министер за правда од Конзервативната партија, Дејвид Гоук, препорачува ограничување на краткорочните затворски казни (под една година), како и зголемување на инвестициите во пробационата служба, електронскиот надзор и програмите за надгледување. Според него, треба да се поттикнува и предвремено ослободување на затвореници кои покажуваат добро поведение.
Владата изјави дека прифаќа голем дел од препораките, но ќе задржи можност за изрекување долги казни за сериозни прекршоци и нема да воведе препорачани максимални рокови за казните.
„Не можеме едноставно да градиме нови затвори како решение за пренатрупаноста“, истакна Гоук. Тој додаде дека е потребна „порадикална реформа“ за стабилизирање на системот и прекинување на циклусот на итни ослободувања.
„Ако овие мерки се спроведат како пакет, тие треба да обезбедат дека владата никогаш повеќе нема да се најде во ваква ситуација“, заклучи тој.