Кога хуманоста победува: Како бугарските бродови ги носеле Евреите кон слобода
Во мразовитото утро на 24 февруари 1942 година, бугарскиот брод „Струма“ бил торпилиран и потопен во Црното Море од страна на советска подморница. На него имало над 780 евреи бегалци кои бегаа од нацистичките прогони, како и 32 бугарски морнари. Оваа трагедија, која се смета за една од најголемите во бугарската поморска историја, останува речиси целосно непозната и игнорирана во историските учебници и јавната меморија.
Бродот „Струма“ отпловил од руманското пристаниште Констанца во декември 1941 година, носејќи бегалци од Романија, Бугарија, Бесарабија и други делови на тогашниот Советски Сојуз, со надеж дека ќе стигнат до Обетованата земја (денешен Израел). Но, британските колонијални власти одбиле да им дадат дозвола за влез, а турските власти во Истанбул му наредиле на капетанот Григориј Горбатенко да го напушти пристаништето, оставајќи го бродот во немилост.
Советската подморница, командувана од Дмитриј Денежко, го нападнала „Струма“, убедена дека станува збор за непријателски транспортен брод. По нападот, Денежко известил дека потопил брод од 7.000 тони. Но реалноста била многу поинаква — во ледените води загинале 406 мажи, 269 жени и 103 деца, вклучително и целиот екипаж.
Историчарот Атанас Панajотов и проф. Асен Кожухаров, кои детално ја истражуваат трагедијата, посочуваат дека ова не е изолиран инцидент — советските подморници и претходно напаѓале бугарски бродови, иако Бугарија, и покрај тоа што била дел од Тројниот пакт, никогаш не објавила војна на Советскиот Сојуз ниту испратила војска на Источниот фронт.
Во историјата на оваа трагедија се појавуваат и човечки приказни. Еден од ретките преживеани, Давид Столјар, подоцна се борел против нацистите во Северна Африка, учествувал во војната за независноста на Израел во 1948 и починал во САД во 2014. Син му на капетанот Горбатенко исто така станал морнар.
И покрај сето тоа, овие настани речиси и да не се споменуваат во официјалната историја. Заборавено е и тоа што некои бугарски морнари завршиле во британски затвори, осудени затоа што пренесувале евреи кон безбедност, тогаш забрането според британските закони. Се уште не е утврдено колку точно евреи биле спасени преку вакви мисии со бугарски бродови, но по крајот на Втората светска војна, 19.975 евреи легално емигрирале во Израел од Бугарија.
Денес, трагедијата на „Струма“ е одбележана со спомен-плоча во Варна и споменик во израелскиот град Ашдод. Сепак, останува како потсетник за мрачната страна на војната и за тоа колку лесно хероизмот и трагедијата можат да бидат заборавени.