Каја Калас повика на најсилен меѓународен притисок врз Русија по новите напади врз Украина
Високата претставничка на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, остро реагираше по најновите руски воздушни напади врз Украина, повикувајќи на „најсилен меѓународен притисок“ врз Москва со цел запирање на агресијата.
„Нападите од синоќа уште еднаш покажуваат дека Русија е решена да го зголеми страдањето и уништувањето на Украина. Ужасно е да се видат деца меѓу невините убиени и ранети. Ни треба најсилен меѓународен притисок врз Русија за да ја запре оваа војна,“ изјави Калас преку објава на социјалната мрежа Икс (поранешен Твитер).
Изјавата доаѓа откако украинските власти соопштија дека најмалку 12 лица загинале во последниот бран руски воздушни напади, кои ја погодија територијата на неколку региони низ земјата. Меѓу жртвите, трагично, се и три деца од регионот Житомир, кој се наоѓа во северозападниот дел на Украина.
Нападите се случија само неколку часа пред планираната размена на воени затвореници меѓу Русија и Украина, што дополнително ја комплицира напнатата безбедносна ситуација во регионот.
Калас, која важи за еден од најгласните поддржувачи на Украина во рамки на ЕУ, повторно нагласи дека меѓународната заедница мора со единствен и одлучен став да реагира на руските дејствија, во насока на запирање на конфликтот и спречување на понатамошни цивилни жртви.