20 ноември 2025
• од Станча Јаќимовски
Грција, која со години претставува една од главните порти кон Европа за бегалците и мигрантите, изрази намера да се приклучи кон групата земји од Европската унија кои разгледуваат можност за депортација на одбиени баратели на азил во африкански држави. Ова го соопшти грчкиот министер за миграција Танос Плеврис, пренесува „Ројтерс“.
За време на мигрантската криза во 2015–2016 година, над еден милион луѓе од Блискиот Исток пристигнаа на грчките брегови. Иако мигрантскиот наплив во последните години се намали, островите Крит и Гавдос — најјужните точки на Европа и најблиски до северноафриканскиот брег — забележуваат нагло зголемување на пристигнувања од Африка.
Министерот Плеврис изјави дека со Германија веќе се водат разговори за воспоставување т.н. „центри за враќање на мигранти“ во Африка. Атина официјално го изразила својот интерес за ваква иницијатива.
„Веќе се водат дискусии со неколку безбедни африкански земји за прием на нелегални мигранти кои земјите членки на ЕУ не можат директно да ги депортираат“, изјави Плеврис.
Како пример, тој го спомена договорот постигнат во септември меѓу Нидерландја и Уганда, според кој одбиените баратели на азил од земји во близина на Уганда ќе може да бидат пренасочени преку нејзина територија. Уганда има сличен договор и со САД, за прифаќање граѓани од трети земји кои нема да добијат азил во Америка, но одбиваат да се вратат дома.
Плеврис нагласи дека сместувањето на овие центри надвор од Европа би имало и одвраќачки ефект: „Замислете да испратите Египќанец кој се обидува да стигне до Европа — во Уганда.“
Под владата на премиерот Киријакос Мицотакис, Грција ја заостри својата миграциска политика. Земјата ја прошири оградата на северната копнена граница со Турција и ги засили морските патроли.
Во обид да го запре приливот кон Крит и Гавдос, грчките власти меѓу јули и октомври ја прекинаа обработката на барањата за азил на мигрантите кои пристигнуваат по море од Северна Африка — потег кој предизвика силни реакции од организациите за човекови права.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

