Германски трговски гигант инвестира над 30 милиони евра во Бугарија и отвора 250 нови работни места
Компанијата BILLA, еден од водечките трговски ланци во Централна и Источна Европа, официјално отвори нов, голем логистички центар во Бугарија, во близина на селото Загора, во регионот на Стара Загора. Станува збор за значајна инвестиција во бугарската економија, вредна над 60 милиони лева (повеќе од 30 милиони евра), со која ќе се отворат 250 нови работни места.
Ова е веќе трет логистички центар на BILLA во Бугарија, што е јасен показател за долгорочната доверба и посветеност на компанијата кон бугарскиот пазар.
Што е BILLA?
BILLA е австриски супермаркетски ланец кој е дел од REWE Group – една од најголемите трговски и логистички групации во Европа. Иако сѐ уште не е присутен на македонскиот пазар, BILLA е добро познат бренд во Бугарија, каде што има десетици продавници низ целата земја. Компанијата е препознатлива по квалитетната услуга, конкурентните цени и поддршката на локалното производство.
Модерен, еколошки и поддршка за локалната економија
Новиот логистички центар се одликува со врвна технологија и современи решенија. Посебно внимание се посветува на енергетската ефикасност – топлината од ладилните системи ќе се користи за загревање на објектот, а наскоро ќе започне и изградба на соларна централа.
Димитар Пешев, оперативен директор на REWE International за Бугарија, истакна дека над 80% од производите што ќе се дистрибуираат преку новиот центар се со бугарско потекло, додека кај прехранбените артикли тој процент достигнува над 90%.
„Со оваа инвестиција REWE јасно покажува дека Бугарија има стабилен, предвидлив и атрактивен инвестициски амбиент. Испраќаме порака до сите – можно е да се гради и развива успешен бизнис во Бугарија“, изјави Пешев.
Политичка поддршка и сигнал за економска зрелост
На свечената церемонија на отворање присуствуваа и бугарскиот премиер Росен Жељазков, министерот за економија Петар Дилов, како и други високи претставници од јавниот и приватниот сектор. Премиерот посочи дека вакви инвестиции се доказ за економската зрелост на земјата:
„Довербата во бугарскиот пазар и инвестицискиот климат се клучни. Ова покажува дека Бугарија не само што го заслужува своето место во Европската Унија и Шенген-зоната, туку и е подготвена за влез во еврозоната и ОЕЦД“, рече Жељазков.
Оваа инвестиција од страна на BILLA е уште еден позитивен пример како странски капитал и стратешка визија можат да ја поттикнат економијата, да создадат нови работни места и да обезбедат поддршка за домашното производство – овојпат, во срцето на Бугарија.