01 август 2025
• од Станча Јаќимовски
Германските вооружени сили објавија зголемување од 28% на бројот на лица кои се приклучиле на армијата во периодот од јануари до крајот на јули оваа година, во споредба со истиот период лани, пренесува „Ројтерс“.
Министерството за одбрана на Германија во четвртокот соопшти дека над 13.700 луѓе се приклучиле на Бундесверот – што ги опфаќа копнените сили, воздухопловството, морнарицата и другите одбранбени структури – што претставува најголем пораст во последниве години.
Со овој тренд, Германија се движи кон постигнување на својата цел да има 260.000 активни војници до 2030-тите години, во споредба со моменталните 183.000. Ова е дел од пошироките напори за зајакнување на националната одбрана и исполнување на новите стандарди на НАТО. Зголемувањето на бројот на регрути доаѓа и во контекст на најавеното зголемување на воените трошоци, потпомогнато од неодамнешната одлука за олеснување на буџетските ограничувања.
Министерството извести и за растечка заинтересираност кај населението за приклучување кон вооружените сили. Првичните консултации пораснале за 11%, апликациите за служба во армијата се зголемиле за 8%, додека апликациите за цивилна служба во рамки на Бундесверот скокнале за 31%.
Германија ја укина задолжителната воена служба во 2011 година, што остави празнина во систематското регистрирање на потенцијалните новобранци.
Како одговор на тоа, германската влада планира од следната година да воведе дигитална анкета која ќе биде задолжителна за сите мажи што ќе наполнат 18 години, со цел да се измери нивниот интерес за приклучување кон армијата. Овој чекор е дел од стратегијата за подобро планирање и ангажирање на нови кадри во одбранбениот систем.