14 февруари 2026
• од Станча Јаќимовски
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на Минхенската безбедносна конференција порача дека Европа треба поамбициозно да ја развива својата одбранбена способност, истовремено нагласувајќи дека трансатлантското партнерство останува клучен столб на европската безбедност.
Фон дер Лајен се осврна на изјавите на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, кој неодамна оцени дека Европа не може самостојно да ја гарантира својата безбедност без САД. Таа истакна дека безбедносната слика е „многу посложена“ и повика на поголема динамика во спроведувањето на меѓусебната одбранбена обврска меѓу земјите членки на ЕУ.
„Верувам дека дојде време да ја оживееме клаузулата за меѓусебна одбрана на Европа. Меѓусебната одбрана не е опција за ЕУ, туку обврска“, изјави таа.
Иако поголемиот дел од земјите на ЕУ се и членки на НАТО, основачките договори на Унијата ја содржат и клаузулата за меѓусебна одбрана во членот 42.7. Оваа одредба досега ретко се активирала, но во последниот период се води поинтензивна дебата за нејзиното практично значење.
Фон дер Лајен нагласи дека целта не е оддалечување од Соединетите Држави, туку градење посилна и посамоуверена Европа која ќе биде поефикасен партнер во Алијансата.
„Да ја развиваме нашата сила без постојано потпирање на некој друг“, рече таа, додавајќи дека статус кво состојбата не е задоволителна ниту за Европа ниту за САД.
Руте претходно предупреди дека европските земји би морале драматично да ги зголемат трошоците за одбрана доколку сакаат целосно да ја надоместат американската поддршка. Сепак, во Брисел расте ставот дека зајакнувањето на европските капацитети може да ја направи Алијансата поотпорна и поефикасна.
Според фон дер Лајен, Европа веќе покажува напредок – одбранбените трошоци се зголемиле за речиси 80% од почетокот на руската агресија врз Украина. Но, таа подвлече дека покрај финансиите, неопходни се и побрзи политички одлуки и подлабока меѓусебна доверба.
Таа повика ЕУ да биде „покреативна“ во безбедносната соработка и да ги продлабочи партнерствата со блиски сојузници како Обединетото Кралство, Норвешка, Исланд и Канада.
Во дискусијата учествуваше и британскиот премиер Кир Стармер, кој оцени дека е „итно“ Лондон и Брисел повторно да ги зајакнат односите во светло на војната во Украина.
Покрај одбраната, фон дер Лајен порача дека Европа мора да ја засили и својата стратешка автономија во енергетиката и технологијата, потенцирајќи дека „нема друга опција“ ако Унијата сака да го зачува европскиот начин на живот и демократските вредности.
Со ваквите пораки од Минхен, европските лидери сигнализираат дека иднината на безбедноста лежи во комбинација од посилна европска способност и цврсто трансатлантско партнерство, наместо во нивно раздвојување.
Еден од само 50 Maserati Grecale Tributo Il Bruciato е во сопственост на Бугарка
Бугарското собрание го ратификуваше Договорот за железничкиот тунел на Коридор 8
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

